Македонија е подготвена за четвртата АлШар авантура

По четврти пат, Кожув планина е подготвена на сите авантуристи, вљубеници во велосипедизмот, планинарството и природата во целост да им ги открие сите свои древни тајни и убавини. Со нов датум, 5-7ми јули, нови стази, прилично тешки, но екстремно адреналински и живописни, и нови програмски изненадувања, АлШар 2019 носи бројни изненадувања, се разбира на радост на илјадниците учесници кои од сите страни на земјата ќе допатуваат во Мрежичко, каде и годинава ќе биде лоцирана фестивалската зона.

65367899_1223773517795893_1598465361601101824_n
Ова беше потврдено и на денешната прес конференција, со која организацискиот одбор на здружението Тиквешки Точакџии и официјално го најави четвртото издание на еден од најдобрите аутдор фестивали во Македонија. Во присуство на голем број од поддржувачите и спонзорите на настанот, претставници од полициската станица од општа надлежност Кавадарци, против пожарната единица, Црвен крст, планинарското друштво „Орле“, медиумите, организаторите и годинава потенцираа дека целта на настанот во ниту еден момент не е натпреварувачка, туку во целост рекреативна и забавна, нагласувајќи дека безбедноста на сите учесници на настанот е најважното нешто и годинава. Новиот датум носи и далеку повисоки температури, без оглед на планинските предели, па освен дополнителните пунктови каде што ќе може да се дополни вода, организаторите информираа дека добро е секој учесник да носи дополнителна количина на вода со себе.

IMG_20190703_194948
Најавувајќи ја програмата, претседателот на здружението Тиквешки Точакџии, Живко Гурев најави дека првите два дена ќе бидат наменети за пристигнување на учесниците, поставување на шаторите, проверка на стазите, но и за многу, многу дружење и музика. Во возбудливиот викенд ќе не воведат културно уметничкото друштво „Тиквеш“ и групата „Чардак“ чии петочни настапи се предвидени за во 20:30, односно во 21 часот. Веќе во сабота не очекува музичка програма на кавадаречките рок бендови, BadAssAll, Leksikon, M.A.D.M8’s и 4U Band кои ќе имаат свои анплагд концерти, а за крај, завесата пред најважниот фестивалски ден ќе ја спушти DJ Славе Келешовски.

66174207_502597343614153_627813223835369472_n
Мирисот на кавадаречката пешија традиционално ќе го разбуди кампот, но и ќе ги пречека сите гости на видиковецот над селото Мрежичко, за веќе во 7 и 30 со интонирањето на македонската химна и официјално да биде означен почетокот на денот во кој фестивалската кулминација ќе го достигне својот максимум. Официјалното отворање на АлШар 2019 е закажано за во 10 часот, а годинава честта да го отвори истиот ќе ја има Васил Јанкула, момчето кое и покрај церебралната парализа со трицикл изработен специјално за него помина 800 километри за 8 дена, во придружба со децата од центарот за деца со посебни потреби од Кавадарци.

2
Лазар Трајков, член на организацискиот одбор на настанот ја опиша новата голема стаза како импресионирачка, не штедејќи комплименти за истата. „Годинава сакавме да понудиме нешто ново и поразлично. Оваа патека која води покрај окната на рудникот Алшар кои ја кријат тајната за настанокот на светот, по граничната линија со Грција и преминот Пуљевац, низ живописните предели исполнети со недопрени потоци и рекички, немириснати цветови и нескинати диви јагоди, својот екстрем го достигнува во речиси десет километарскиот тунел од преплетени гранки кои и во зенитот на сонцето скржаво ја пропуштаат светлината“ – рече меѓу другото Трајков пред присутните.
Половина час по стартот на големата велосипедска тура ќе стартуваат и малата велосипедска и големата планинарска тура, а во 11 часот ќе започне и малата планинарска тура за кои и годинава ќе бидат задолжени членовите на планинарското друштво Орле.

SONY DSC

Се очекува првите учесници во кампот да пристигнат околу 14 часот, каде што традиционално на сите учесници со купен купон за учество ќе биде обезбеден ручек. Се разбира, во текот на целиот ден во централната фестивалска зона ќе има забавна програма, која ќе заврши со извлекување на подароците од спонзорите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *