И покрај дваесет и пет годишниот новинарски багаж, за среќа на човештвото сеуште постојат луѓе и настани кои знаат да предизвикаат ураган од емоции кои ќе направат секој збор, секоја реченица да ти се чинат прескромни и недоволни да го опишат она што навистина го чуствуваш. Ова е единственото објаснување кое го имаме за дводневното доцнење на нашата новинарска репортажа од четвртото издание на „Алшар-Допри го сонцето“, настан кој прераснува во нешто многу повеќе од обичен аутдор фестивал со фантастична организација. А како се допира сонцето и тоа кога истото е во неговиот зенит и се обидува да ве допре со сите свои 40 и кусур степени кои ги чуствуваме на земјата видовме на отворањето на годинешното издание на манифестацијата, кога малите големи херои од нашите секојдневија како Васил Јанкула и штитениците од центарот за деца со посебни потреби од Кавадарци го добија аплаузот чие ехо уште долго ќе одѕвонува во подножјето на Кожув планина кое заедно со тајната на настанокот на светот отсега ќе ја чува и тајната за добрината на човештвото.
Енергијата пренесена преку зборовите на Јанкула на официјалното отворање на Алшар 2019 покрај убавините на Кожув планина беа единствениот допинг да се преживее на јулското сонце, без разлика дали возевте велосипед, пешачевте, се забавувавте во фестивалската зона или бевте дел од организациониот одбор кој четврта година по ред потврди дека сеуште ја има истата страст, енергија и перфекционизам за организација.
Враќајќи се низ се она што се случуваше изминатиот викенд во Мрежичко и неговата поширока околина, првите слики кои доаѓаат во главата се поставувањето на првите шатори во кампинг зоната, дождот кој веќе е дел од традицијата, па дури кога календарот покажува дека е јули, како и настапот на групата „Чардак“. Слободното саботно утро беа добредојдени за одмор и рекреација, но и за последни подготовки на учесниците и организаторите пред да му се препуштат во целост на музичкото уживање кое го донесоа кавадаречките рок бендови M.A.D.M8’s и 4U Band кои имаа свои анплагд концерти.
Мирисот на уникатните кавадаречки пешии кој се ширеше од видиковецот над селото Мрежичко и годинава се покажа како највкусен начин да се стартува последниот фестивалски ден, кој вообичаено започнува со интонирање на македонската химна. Реката од возила со регистарски таблички од хрватската Нова Градишка, бугарски Самоков, и речиси сите градови од земјата потврди дека и покрај екот на сезоната на летни одмори и годинава ќе имаме четирицифрена бројка на вљубеници во природата кои ќе се обидат да го допрат сонцето. Емотивното обраќање на Васил Јанкула, момчето од Ресен родено со церебрална парализа кое годинава на трицикл направен во Кавадарци извозе 800 километри за да ни докаже дека сите сме исти го означи стартот на четвртата Алшар авантура, која ја предводеше лично тој следен од стотиците велосипеди кои се упатија кон големата и малата велосипедска тура. Речиси во исто време беше означен и стартот на големата и малата планинарска тура, која и годинава беше во организација на планинарското друштво „Орле“ од Кавадарци.
Првите учесници во фестивалската зона пристигнаа нешто по 13 часот, каде и годинава ги очекуваа вкусен војнички грав и свежо точено македонско пиво, како и многу забава и анимација за која и годинава беше задолжен Душко Стефанов, уште една од заштитните марки на фестивалот. Еден час подоцна почнаа да пристигнуваат и првите учесници во големата велосипедска тура, меѓу нив голем број на познати лица за редовните гости на Алшар, кои не ја криеја возбудата од сите убавини и адреналин кои ги донесе новата голема велосипедска патека, иако за некој километар пократка, но многу поживописна и повозбудлива.
Како и сите изминати години, и годинава крајот на настанот беше резервиран за доделување подароци од спонзорите, за на крај да биде доделен и велосипедот кој и годинава заврши кај вистински Алшар авантурист.
Ова е накратко сублиматот на се она што се случуваше викендот во Мрежичко, а долку овој текст не може во целост да Ви ги пренесе емоциите кои секоја година ги создава настанот кој ја раскажува тајната за настанокот на светот, Ве покануваме на првиот голем јубилеј, петтиот Алшар, кој ќе се оддржи следната година, на радост на сите кои го прават овој настан најдобар аутдор фестивал во земјата.
винотика.мк
Фотографии: Ѓорѓи Коцев