Kина ќе биде втор најголем пазар за вино во следните три години
Извозот на македонски вина во Кина почнува полека да се зголемува во последниве неколку години, но се уште е на многу ниско ниво. Во 2018 година во Кина се продадени македонски вина во вредност од 1,8 милиони евра, а во првата половина годинава има реализирано извоз од околу 800 илјади евра. Според податоците од Државниот завод за статистика Кина е шести по голема пазар за извоз на македонските вина.
Со својот огромен потенцијал и растечка потрошувачка моќ, Кина се очекува да стане втор по големина пазар на вино во следните три години, веднаш после САД. Проценките се дека до 2022 година кинескиот пазар на вино ќе вреди 19,5 милијарди долари, а бројот на консументи на вино ќе изнесува 70 милиони. Најголем пазар на вино сега е САД со вредност од 38,4 милијарди долари, а втора е Франција чиј пазар на вино се проценува на 16,5 милијарди долари.
Брзиот раст на кинескиот пазар ги привлекува извозниците на вино од целиот свет, а Европската унија е најконкурентен играч заради својата водечка позиција во производството на вино.
Извозот на македонски вина во Кина почнува полека да се зголемува во последниве неколку години, но се уште е на многу ниско ниво. Во 2018 година во Кина се продадени македонски вина во вредност од 1,8 милиони евра, а во првата половина годинава има реализирано извоз од околу 800 илјади евра. Според податоците од Државниот завод за статистика Кина е шести по голема пазар за извоз на македонските вина.
Она што треба да се знае е дека Кина во моментов е четврти најголем увозник на вино во светот, а вредноста на кинескиот увоз на вино се очекува да скокне за најмалку 8% во текот на следната година. Во моментов, Франција останува најголем извозник на вина Кина, но овој пејзаж брзо се менува бидејќи австралиските производители на вино брзо растат со оглед што од почетокот на 2019 година австралиските вина можат да се увезуваат во Кина без царина. Покрај Франција и Австралија, најголеми извозници на вино во Кина се Чиле, Шпанија,Италија, САД, Јужна Африка и Нов Зеланд
Исто така, на кинескиот пазар се почесто се продава вино од Источна Европа, од земји како што се Грузија, Молдавија и Украина, кои брзо ја зголемуваат продажбата.
Од земјите во регионов најголем извоз на вино имаат Бугарија од околу 5,5 милиони долари и Црна Гора со извоз од 2,2 милиони долари.
Бум на онлајн продажбата на вино
Една уникатна карактеристика на кинескиот пазар на вино е доминантната улога што ја има е-трговијата, во размери кои ги нема било кој друг значаен пазар на вино во светот. Кинескиот онлајн пазар на алкохол во моментов вреди 6,1 милијарди долари и над 50% од кинеските потрошувачи купуваат онлајн еднаш месечно или почесто.
Виното сочинува 60-70% од продажбата на алкохол во електронската трговија, а онлајн продажбите се очекува да пораснат за 15% во текот на следната година, што претставува многу привлечен тренд за странските производители на вино.
Сепак, важно е да не се потцени перцепцијата на кинеските потрошувачи на вино и фокусираноста на цените. Иако виното станува сè попопуларно во Кина, просечните потрошувачи сè уште го преферираат пивото заради пониската цена и достапност. Всушност, кога станува збор за откривање на овој странски производ, вината со висок сооднос квалитет / цена имаат подобри можности да бидат забележани.
Пазарна сегментација: Наливни и флаширани вина
На кинескиот пазар за вино може да се забележат два главни сегменти: рефус или наливни вина и флаширани вина.
Со цена CIF (Cost, Insurance and Fright) од околу 0,6 евра за литар, наливното вино е најконкурентен под-сегмент на пазарот.
Во овој сегмент се лидери Чиле, Шпанија и Австралија. Трите земји заедно имаат пазарно учество од над 82% во наливните вина од увоз.
Два региони се главно заинтересирани за овие вина: винарии во областа Јантаи, провинција Шандонг и винарии од Шаченг, во провинцијата Хебеј.
Од друга страна, виното во шишиња, со просечна цена CIF од 2,6 евра е најпредизвикувачкиот под-сегмент заради разликите во цените. За повеќето кинески потрошувачи, таквата цена може да биде над она што го дозволува нивниот расположлив приход.
Кина не е нација на консументи на вино, иако растечката база на оие кои пијат вино презема важна улога во енергичниот раст на увозот на вино. Пекинг и Шангај не се единствените два града на кои треба да се фокусираат извозниците на вино, бидејќи голема шанса за раст на продажбите има во помалите градови со над еден милион жители, кои се заинтересирани за виното и допрва учат за огромната разновидност на виното.
Иако се уште треба да се развива, Кина е вистински пазар за вино, кој нуди голем потенцијал за раст, и треба да се земат предвид неколку аспекти при ставањето на Кина во стратешкиот план, како на пример: цени, даноци, давачки, испорака, кинески регулативи и така натаму.
Трговската војна помеѓу САД и Кина го намалува увозот на вино
Уште една работа која треба да се земе во предвид се ефектите кои ги имаат трговската војна помеѓу Кина и САД и економското забавување на кинеската економија, фактори заради кои Кина ја губи својата атрактивност како пазар за извоз на вино.
Кинескиот увоз на вино во 2018 година го забележа првиот пад во изминатите пет години од 2014 година, како резултат на тековната трговска војна со САД и слабеењето на економијата на земјата, кој е најбавен во последниве две децении. Увозот на вино во првата половина од годината сè уште не покажува знаци на раст, иако стапките на намалување се помали. Со оглед на девалвацијата на јуанот во однос на доларот, растат трошоците за увоз на вина од доларските земји.