Сигурно сте забележале дека кога пиете црно вино, тоа не ги бои забите кај сите исто. Можеби сте од среќните кои поминуваат без дамки, но може и да сте од оние кои изгледаат како да пиеле мастило.
Како и да е, сето тоа зависи првично од гените, а потоа и од вашите хигиенски навики.
Компонентите на виното, односно алкохолот, бојата и киселоста, влијаат тоа да прави микропукнатини на површината на забот и да го обои. Тоа се должи на антоцијанините кои ја даваат бојата, кои пак ги нема во белото вино.
Едни луѓе го имаат подарокот од природата да имаат подебел слој забна глеѓ која тешко се оштетува и ги прави забите отпорни на киселините и другите нагризувачки состојки од храната. Други пак, ја немаат таа среќа и освен што имаат потенка глеѓ, нивните заби се и посклони кон задржување наслаги од храна.
Наслагите од храна исто така лесно се бојат од црно и црвено вино. Така, ако сакате да пиете такво вино, бидете сигурни дека убаво сте ги исчеткале забите пред да излезете. Не правете го тоа непосредно пред пиењето, бидејќи и четкањето ја заслабнува глеѓта и не остава доволно време таа да се обнови.
Уште нешто што можете да го правите е кога пиете, притоа и да јадете, односно да мезите, особено ако мезето е протеинско. Можеби и затоа во државите со напредна винска култура се служи сирење со црните вина?
Исто така влијае и изборот на вино. Белите вина како шардоне најмногу ја нагризуваат глеѓта, па не почнувајте со бело вино доколку планирате да преминете на црвено или црно. Или пијте директно темни вина или задржете се на белото.