Во Македонија над 80 регистрирани винарии, извозот расте од година во година, но домашните производители како се уште да ја немаат решено дилемата – масовно или индустриско производство.
Во Македонија има над 80 регистрирани винарии
Во Македонија има над 80 регистрирани винарии. Голем дел од нив веќе работат на создавање нови вински брендови со кои ќе ги освојуваат меѓународните пазари. Договараат заеднички настапи и промоции, а очекуваат и раст на извозот.
И самите признаваат дека за нив поважни се странските од домашниот пазар кој е премногу мал и кој најмногу троши домашно, неиндустриско вино и ракија.
„Извозот е наш императив. Од година во година се зголемува бројот на земји во кои извезуваме… Квалитетот што традиционално го негуваме го обезбедивме и годинава. Тој ни е основа за прилично амбициозни планови за ширење на нашето присуство во различни земји. Прво се настапува со врвните вина, а потоа како се шири понудата, се шири и на другите слоеви на пазарот“ велат во една од поголемите винарски визби.
Европската Унија засега е главната дестинација за македонското вино. Сепак, напорите на производителите се насочени кон освојување и на брзорастечките Кина, Јапонија и Русија, но и на развиените пазари во Соединетите Држави и Канада каде потрошувачите многу поголемо внимание посветуваат на квалитетот, а не на цента.
Македонското вино полека се пробива кај светските познавачи
Кортни Шисл вински експерт од Бруклин која пишува за повеќе светски познати медиуми во својот текст за порталот за вино Вајнпер ја вбројува Македонија во групата во седум земји од кои задолжително треба да се проба вино. Според нејзе најважниот регион во Македонија е Повардарието.
„Оваа земја, која не излегува на море, има многу придобивки од изобилството на сончеви денови, медитерански и континентални влијанија, каменеста почва, со голем број семејства што традиционално прават вино во своите домови. Се одгледуваат и меѓународни сорти, но земјата го има прифатено вранецот како свој заштитен знак. Потенцијалот на грозјето е огромен. Вреди да се пробаат вината од Македонија“ напишала Шисл за винскиот портал Вајнпер Македонија на оваа листа се најде во друштво со Англија, Мароко, Либан, Мексико, Бразил и Уругвај.
И името е проблем
Грчко вино од Македонија, македонско вино од Вардарска долина. Вака се промовираат производите на дел од странските пазари. Грчките винарии го регистрираa географскиот регион Македонија уште пред шест години, македонските пред две години ја завршија постапката за Вардарска долина. Сепак и натаму продолжува употребата на терминот „Вина од Македонија“ и произведено во Македонија.
Винските географски одредници се користат во Европската Унија за подетално да се утврди потеклото и квалитетот на производот. Италијанските дополнително се промовираат и како вина од Ломбардија, од Тоскана, од Абруза. Грчките како вина од Крит, од Егејските острови и од Македонија, а македонските го користат терминот Вардарска долина односно Vardar River Valley.
Пред пет години Атина побара од Брисел да го забрани користењето на регионот „Македонија“ на етикетите од нашите вина. Дел од производите беа повлечени од германскиот и од словенечкиот пазар, по што македонските власти отпочнаа преговори со Брисел. Скопје го брани ставот дека и двете држави имаат право да го користат регионот Македонија за промовирање на своите производи. Проблеми се уште има, но тековно се надминуваат.
Винскиот туризам во зачеток
Култот кон правењето и пиењето на вино и ракија е се уште недоволен за преточување на традицијата во успешна туристичка приказна. Иако во Македонија речиси и да нема село каде што не се прави домашна ракија и вино, привлекувањето на туристи слабо ни оди. Исклучок е единствено винскиот пат низ Тиквешијата, тура низ која туристите можат да ги посетат лозовите насади и подрумите на 20-тина винарски визби, да ги дегустираат различните сортни вина, да ја вкусат локалната храна и да научат нешто повеќе за одгледувањето на лозјата, правењето на вино, сервирањето и правилата за комбинирање на виното со храната. Посетата на манастирот Свети Ѓорги во Неготино во чија близина тече лековита вода, „џаламарите“ во Сопот кои ги бркаат лошите духови од луѓето или пак приказните за градење на куќи со тули во кои ставале вино бидејќи не можеле целото да го продадат се само дел од искуствата низ кои посетителите поминуваат низ винскиот пат.
За поголема посетеност на винскиот пат, но и на другите региони во кои се прави вино неопходна е солидна инфраструктура, но и сместувачки капацитети. Од туристичките агенции велат дека имаат проблем, бидејќи во околината нема доволно легла за престој на сите заинтересирани. Затоа во овој регион има огромен потенцијал за изградба на угостителски објекти со сместувачки капацитети кои можат да ги привлечат и транзитните туристи кои патуваат во Грција или Србија да останат и барем на кратко да ги видат убавините на Тиквешијата.
Надлежните веќе прават напори да го продолжат времетраењето на винскиот пат, односно да создадат понуди за кружни тури низ винските региони и во Србија, Бугарија и Грција за да се привлечат што повеќе туристи. Винскиот ќе се комбинира и со агротуризмот преку директно вклучување на посетителите во процесите за добивање на грозје и вино.
10-то јубилејно издание на „Виноскоп“
Дел од напорите за промоција на винската култура е и фестивалот „Виноскоп“ кој почна вчера и ќе трае до 2 октомври.
Фестивалот ќе се одржува на плоштадот „Мајка Тереза“ пред МОБ, секој ден од 12 часот. Го организира „Темов“, а покровител е Град Скопје. Влезот како и секоја година е бесплатен.
„И овојпат нудиме одлична забава за граѓаните. Во петте фестивалски ќе може да се дегустираат вино од десет македонски винарии, вински коктели-сангрија и вино мохито, како и македонски деликатеси: сирења, кашкавали, сувомеснати производи. Очекуваме посетеноста да биде поголема од претходните години“, изјави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Целиот регион има огромен потенцијал за производство на вино
Во регионот има повеќе од 1.000 винарии кои годишно прават околу два милиони тони вино. По квантитет, но и квалитет Балканскиот е веднаш зад Апенинскиот и Пиринејскиот полуостров. Сепак, околните држави, како и Македонија, ја немаат решено дилемата – масовно или ексклузивно производство. На светските пазари полека почнаа да се пробиваат локалните сортни вина – Малвазија Истријана од Хрватска, Мавруд од Бугарија, Асиртико од Грција, Вранец од Македонија.
Виното на Балканот се произведува и консумира неколку илјади години, што само по себе говори многу за поврзаноста на овдешните луѓе со божествениот пијалак. Токму затоа, зачудува фактот дека балканските земји се уште не го искористуваат до максимум потенцијалот за прераснување во сериозен вински регион кој би можел да понуди врвни вина кои на пазарот би биле препознатливи и единствени.
Србија може да се пофали со квалитетно вино кое главно доаѓа од централниот дел на земјата и од Војводина, а се произведува најчесто од мали винарии. Како посериозни играчи се издвојуваат винариите „Вршачки виногради“, „Навип“ и „Рубин“. Во Србија се прават различни видови на конзумни вина, како и вина со највисок квалитет од благородни сорти бело и црно грозје. Сепак, тие, не само на странскиот туку и на домашниот пазар имаат жестока конкуренција во виното од регионот, пред се од Македонија и од Црна Гора, како и од извиканите француски, австриски и италијански вина.
Грција е колевка на виното во Европа. Според нeкои истражувања таму овој пијалак се прави веќе шест милениуми, а денес јужниот сосед има над 400 сорти и вариетети на вино. Заштитен знак на грчкото вино се разните вкрстувања, а најпознати извозници се винариите „Бутарис“ и „Куртакис“. Идеалната клима со долги сушни и топли периоди, овозможува посебно во Егејеска Македонија и на Пелопонез од каде доаѓаат најпознатите вински прозиводи. Грција се гордее со просечно годишно производство на околу 350 милиони литри вино што ја става на 15-то место во светски рамки, а се уште како нејзин синоним се смета Рестина за чиј што специфичен вкус е заслужен процесот на печатење на чеповите со борова смола.
Бугарија не е на нивото на Грција кога е во прашање индустријата за вино. Бугарските винари произведуваат речиси двојно помалку на годишно ниво но тоа, според тамошните експерти не е главниот проблем. Тие сметаат дека Бугарија може да произведува и помалку вино, но тоа да има врвен квалитет со кој ќе може храбро да се излезе на интернационалните саеми. Главниот купец на бугарското вино уште од советските времиња е Русија, каде се испорачуваат 60 проценти од вкупниот извоз, а за тамошната индустрија и натаму е голема енигма како да се освојат останатите европски пазари без притоа да не се изгубат позициите кај традиционалниот партнер.
Албанија на многу свои подрачја има идеални услови за развој на виноградинарството но засега само делумно ги искористува. Годишното производство на грозје одвај ги задоволува домашните потреби, па логично државата е принудена да го задоволува пазарот со увоз на странско вино. Албанските вина пак, речиси се непознати на европскиот пазар. Она на што мора да се поработи, а се однесува на сите земји од соседството, е конкурентноста на пазарот, односно да се изнајде оптимален баланс меѓу цената, квалитетот на виното и правилната промоција на винските региони.