Македонското тиквешко вино „Т’га за Југ“ има интересна приказна зад себе, виното е направено за поетите.
Четириесет и три години се пие познатото тиквешко вино „тга за југ“, а не се знае ништо за тоа како, всушност. е создадено виното со кое ја споделуваат и радоста и тагата. Деновиве решивме да го пронајдеме човекот што прв го помирисал ваквото вино, го вкусил, му го дал името. Така стигнавме до 85-годишниот кавадарчанец Трајче Еленов, кој ни ја раскажа приказната за „тга за југ“, која е дел и од неговата животна приказна.
– Годинава се навршуваат 43 години од раѓањето на најпознатото македонско вино. Kако вчера да беше, толку убаво се сеќавам на времето кога се роди „тга за југ“. Беше во пресрет на одбележувањето на уште една од манифестациите Струшки вечери на поезијата. Kако енолог и директор на винарската визба „Тиквеш“ ме посетија неколку реномирани поети од тоа време. Побараа од мене да им обезбедам вино што ќе го дегустираат поети од целиот свет. Им ветив дека нема да се засрамат пред гостите – започна да ни раскажува Еленов.
– Во една бочва имав многу убаво вино направено од „кратошија вранец“, доцна берба. Си зацртав во главата дека токму тоа посебно вино ќе биде за со него да се сладат поетските души. И да добијат нова инспирација. Беше густо и многу квалитетно. Додека тие да дојдат да го земат, јас го крстив виното „тга за југ“ по познатата песна на нашиот Миладинов. Наредив да се испечатат етикети на кои го пишуваше името на новото вино. Од задната страна на шишето беа испишани стиховите од песната. Сето тоа го држевме во најстрога тајна се додека не дојдоа поетите да го земат виното. Беа воодушевени. Им кажав дека сакав тие да се претстават во најдобро светло како домаќини. Да им подарат вино на своите гости. Тогаш многу се израдуваа, ме пофалија за идејата и рекоа дека има нешто поетско во мене. Да ти е алал, ми рекоа – откри чичко Трајче.
Бидејќи ја знаел рецептурата по која го направил тоа посебно вино од бележаната бочва, не му било тешко да го направи и во годините што доаѓале. Тој и денес, по 40-годишна традиција на производство на тоа вино, е задоволен и се гордее поради ова вино и поради името што му го дал.
– Насекаде се продаваше и се продава „тга за југ“, дури и во Америка и во Австралија. Сите го сакаа и го сакаат, а особено нашите иселеници во странство. Тоа нуди посебни емоции кај нив -ни рече овој скромен човек.
Токму неговата скромност придонела сиве овие години да остане анонимен. Завршил земјоделски агроном во првата генерација на земјоделскиот факултет. Целиот работен век од 35 години го поминал во винарската визба како енолог и директор на винарницата, која била една од неколкуте работни единици во тогашниот земјоделски комбинат. Едно време бил и на специјализација во градот Монпелје во Јужна Франција. Со години правел разновидни лични видови вина. Плод на неговата работа биле и вината „кратер“, „тиквешко црно“, вината направени специјално за германските пазари, комитската ракија и многу други. Огромна помош и поддршка имал и од вработените. Смета дека тиквешкото вино полека го достигнува квалитетот на француските вина. Уште тогаш освојувале многубројни награди на меѓународни саеми. Самиот тој бил и дегустатор и член на меѓународна комисија за оценување на вината.
Никогаш нема да ги заборави случувањата поврзани за виното „тга за југ“ исто како што никогаш нема да ги заборави и настаните поврзани за кавадаречката мастика, која ја правел во винарницата, а на која и го дал името „Солунка“.
– Ех, во врска со името на мастиката се случи дури и своевиден меѓународен скандал. Поради нејзиното име Грците доставиле протесна нота до највисоките државни органи во нашата Р. Македонија. Божем навлегувало во нивните национални интереси. Тогаш беше многу лошо времето, не смееше многу да зборуваш оти можеше и да одговараш. Додека јас бев на чело на винарницата, на етикетата на мастиката стоеше насликан солунскиот затвор. Тогаш неколкупати тогашните власти ме повикуваа на информативен разговор прашувајќи ме зошто баш тоа име за мастиката и зошто е солунскиот затвор насликан. Велев за да го овековечам затворот во кој гниеле македонските револуционери. Прилично сериозна беше работата. За да не сносам последици, понекогаш кога ме распрашуваа кажував дека името на мастиката е според името на мајка ми која навистина се викаше Солунка. Така се најдов во центарот на таа афера – ни се довери човекот кого на прекар го викале Kлемов.
Kриво му е само што Солунка не успеала да се избори за своето место и не знае од кои причини, ама по неговото пензионирање, таа престанала да се произведува.
Тој пак сега како витален пензионер се рекреира со десет декари лозје каде што оди поради чистиот воздух, а прави и домашно винце за своја душа.
– Си пивнувам, како не си пивнувам. Повеќе вино, послабо ракија. Црвеното повеќе ме бендисува оти според мене е поздраво – ни кажа на одење.