Поради дождот, времено е прекината бербата на грозје во Тиквешко. Лозарите се во паника, велат дека грозјето веќе почнало да скапува по лозјата. Нагласуваат дека ова им претставува дополнителен проблем, покрај оној вообичаениот околу пласманот и плаќањето на родот од лозјата.
„Сеуште има доста грозје кое стои во лозјата. Ова е жално за тиквешките лозари. Скапува грозје во атарот на селата Ресава, Бегниште и Дабниште, но и многу други месности во Тиквешијата. Страдните лозари ниту трошоците нема да можат да си ги покријат, што ги направија при производството на родот што сега е уништен од врнежите од дожд“ – реагираат лозари со кои разговаравме.
Дека дождот негативно се одразува врз гроздовите зрна во екот на гроздоберот и поради него доаѓа до нивно пукање и капење, потврдува и Благоја Мишковски, професор во средното земјоделско-шумарско училиште Ѓорче Петров од Кавадарци.
„Поради врнежите од дожд, опаѓа и шеќерноста кај грозјето. Во вакви услови илузорно е од страна на винарите да се бара поголем процент на шеќер. Упатените во оваа работа знаат дека ним во ваква ситуација им е подобро да откупуваат грозје веднаш после дождот и да не чекаат да се зголеми шеќерноста. Зашто поправката во шеќерот во ширата е можна и во винарските визби, а со чекањето грозјето ќе се скапи, штетата ќе биде поголема, бидејќи дури тогаш ќе има навистина лоша суровина од која не може да се направи добро вино“ – вели Мишковски.
Тој нагласува дека дури грозјето од најзаштитените лозја кои навреме биле третирани со пестициди, скапува после еден ваков дожд и во ова време од годината.
„Во порани фази од производството на грозје препорачливо е да се истретира родот со фунгицид за да се заштити од капење. Но, во оваа фаза од производствената сезона, тоа не е препорачливо бидејќи не е практично, не е хумано и не смее да се прска со хемиски срества“ – додава професорот.
Тој дополнува дека во лозовите плантажи сега главно има останато за берење грозје од сортите смедеревка и станушина. Годинешниов род на лозјата се проценуваше на околу 180 милиони килограми грозје.