Македонците и годинава го берат италијанското грозје

Македонците берат грозје во италијанските лозја, а за неколку часа работа дневно заработуваат и до 60 евра. Работниците велат дека им се плаќа трудот од час, а според нивните кажувања, ваква сезонска работа практикуваат речиси секоја година. Есенва на италијанските плантажи има најмногу луѓе од источна Македонија.
– Има голем број Македонци што работат овде, од цела Македонија. Најмногу се од Македонска Kаменица, Делчево, Виница, Kочани. Барем јас сум сретнал најмногу работници од тие градови и сум работел со нив. Тиквешани се уште не сум сретнал. Сепак, станува збор за добра работа – се работи од час, не за дневница. Околу осум или девет часа дневно. По потреба може и повеќе. Вработувањата се претежно сезонски. Има и голем број луѓе што не доаѓаат само за сезонска работа, ами тука и живеат – истакна еден Македонец кој веќе шест години работи таму.
Платата што се заработува вели не е секогаш иста.
– Шест или седум евра од час, а може и осум-девет евра ако договарањето за работа е директно со газдата. Некои од работниците се и осигурени. Има многумина што доаѓаат, работат, па велат дека повеќе не се враќаат по работа во Италија, но сепак доаѓаат пак. Цената на храната е овде речиси иста како во Македонија. Спиењето е кој како ќе се снајде. Но има и поголеми куќи во кои некои од газдите ги сместуваат сезонските работници. Оние, пак, што постојано работат во Италија и тука се фамилијарно, си имаат и приватно сместување – рече делчевецот кој работи таму. Освен што берат грозје, многу од Македонците во Италија се и на нивите со праски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *