Топлото варено вино е пијалакот кој ги симболизира ладните денови кои полека ни пристигнуваат. Иако постојат многу различни рецепти кои деновиве се актуелни, овој пат ви претставуваме интересен рецепт за варено вино кое ќе ве воодушеви со својот прекрасен вкус.
Често може да се сретне под името греено вино, а е многу популарно низ Европа, посебно во Германија, Франција и Италија. Тоа е еден од највкусните пијалоци со пријатен мирис и арома на кои ретко кој може да одолее.
Состојки:
1 литар црвено вино (може суво или полу суво, какво ќе одберете вие)
200 мл вода
1 портокал
1 јаболко
5 -7 лажици шеќер (по вкус)
малку цимет (на врв од лажиче).
Подготовка:
Неизлупениот портокал и јаболко добро измијте ги и исечете ги на кругчиња или на коцки.
Во тенџере на оган, на умерена температура ставете ги виното, водата, сечканиот портокал, јаболкото, циметот и шеќерот. Повремено мешајте со лажица. Кога виното ќе зоврие, тргнете го тенџерето од огнот. Топлото варено вино со портокал, јаболко и цимет, сервирајте во чаши, со неколку бадеми и суво грозје во нив. Остатокот од виното одржувајте го топло додека не биде подготвено за сервирање. Уживајте и топлете се во овие зимски денови. На здравје!