Најдобри млади вина од годинашната берба грозје избира Здружението на винари од Македонија со седиште во Кавадарци.
Како што соопшти денеска заменик-претседателот на Здружението Елена Богева, изборот е во чест на празникот на млади вина „Божоле нуво” кој се слави во разни земји од светот.
„Настанот е во чест на денот на младото вино кој се празнува од 1937 година, секој трет четврток во ноември. Ова е наша традиционална манифестација за оценување на новите вина произведени од домашни производители. Ја организираме заедно со Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, рече Богева.
Сите заинтересирани индивидуални винари можат да учествуваат во настанот со свои мостри вино. Квалитетот на мострите ќе го определува комисија која ќе ги дегустира, оцени и награди најдобрите, а е составена од стручни лица, енолози.