Велат колку е виното постаро, толку е и подобро. Ако е тоа така, тогаш во овие две години секојдневно поминати со виното, се надеваме дека станавме подобри, пласирајќи Ви бројни информации, вести, занимливости и интересни работи за неговото височество.
Во изминатите две години бевме дел од бројни настани, дел од нив ги покривавме како главни медиумски покровители, известувавме директно од нив, споделувавме фотографии за да Ви овозможиме да бидете поблиску до се она што се случува.
Направивме бројни интервјуа со луѓе од винскиот свет, луѓе кои оставија белег во винска Македонија, први го промовиравме синото и зеленото вино на професорот Влатко Тасев, а пред само петнаесетина дена имавме можност да разговараме и со господинот Ристо Милев, најголемиот производител на грозје во Македонија.
Со мислите на Боемот ја пренесуваме мудроста на кафаната, на луѓето кои го живеат животот, на самиот живот.
Заедно со нашиот верен партнер, Апидо Фарм усреќивме десетици наши читатели, обезбедувајќи им влезници за најексклузивните концерти во Македонија. Оваа традиција ја продолжуваме, па за нашиот втор роденден доделуваме влезници за концертот на маестро Влатко Стефановски.
Желни да останеме цврсто на патот кој пред две години го започнавме од Драмски театар во Скопје, подготвуваме бројни нови проекти и изненадувања, со кои се надеваме ќе го задржиме Вашето ценето внимание, кое ни значи исто колку виното.