Ако низ времето во Демир Капија почнувале и завршувале многу воени походи, денес со сигурност во ова малечко градче започнуваат и завршуваат најубавите вински доживувања. Географски некаде на средината помеѓу Белград и Атина, на исто толкава оддалеченост од Скопје и Солун, патот до вистинското уживање во се она што ни го дала природата води низ Демир Капија, продолжува по Булеварот на виното, и води до врвот на јужната падина на Велико Брдо, каде гордо стои винаријата „Попова Кула“.
14 Години од официјалното започнување со изградбата, односно 12 од денот на започнување со работа, омилената винска кула која го добила своето име по една значајна кула којашто некогаш служела како важна контролна точка на стариот Римски пат што поминува во близина на винаријата, е еден од најважните играчи на македонскиот вински пазар, но и најголемиот промотор на македонското вино, кулинарство и гостопримство.
Традиционалниот македонски ајвар и домашното сирење се секако нешто што не смеете да го пробате, но кога веќе сте во „Попова Кула“ никако не пропуштајте ја можноста да пробате чаша Станушина, румено вино со интензивна арома на јагода, малина и сув лист, произведена од единствената автохтона македонска сорта на грозје. Станушината како и најголемиот дел од грозјето кое се користи во производството се одгледува на плантажите на винаријата, а останатите сорти грозје се откупуваат од малите локални производители од регионот на Демир Капија чии лозови насади се наоѓаат на не повеќе од 10 километри од винаријата.
Секако, кога добро ќе се најадете и напиете, не брзајте да го продолжете патувањето. Одвоете си време да уживате во погледот врз карпестиот теснец кој за на век му го одредил името на градот под винаријата, на лозовите насади, да прошетате по текот на живописната Дошница, да ја посетите црквата „Света Петка“, за на крај да преспиете во една од ексклузивно уредените соби кои го носат името на вашето омилено вино.
А кога ќе се разбудите следниот ден, и ќе сватите дека никогаш нема да Ви се здосади од оваа Божја убавина, кренете високо уште една чаша вино, и наздравете „За арно, за убаво“.