Кога пред речиси една седмица објавивме за Château de Goulaine како една од најстарите винарии кои сеуште функционираат, новинарското во нас не натера да истражиме кои се винариите кои речиси цел милениум произведуваат вино, пркосејќи му на политичките и општествени промени, војни, болести…
За винаријата Barone Ricasoli се верува дека е основана во 1114 година. Во времето кога во Тоскана е изграден замокот, а со него и винаријата, Фиренца и Сиена сеуште биле градови држави. Преживувајќи ги сите општествени промени во Италија, падот и кревањето на на семејството Медичи, па се до обединувањето на Италија и двете светски војни, замокот Barone Ricasoli и денес ја обавува својата функција. Винаријата функционира одлично, нуди неколку типови на вино, а најпрестижно од сите е Castello di Brolio кое може да се купи по цена од 60 евра.
Историчарите велат дека во Schloss Johannisberg постојат записи за порачки на 6000 литри вино уште за време на владеењето на Карло Велики кон крајот на VIII век. А ако овие записи се предмет на дискусија, тогаш нема никаква дилеми околу привиот веродостоен запис за лозјето кој е напишан од перото на Луј Пиј во 817 година. Сепак, првата градба која е нуклеус на винската култура од целиот регион, бенедиктанците ја издигнале во зората на XII век. Shloss Johannisberg за жал не поминал добро низ историјата, откако комплетно бил уништен од страна на бунтовниците за време на германската Селска војна во 1525 година. Сепак, и ден денес Schloss Johannisberg претставува центар на најстарите лозја од сортата ризлинг на светот и важи за прва винарија која правела вина од доцна берба „Spätlese“, почнувајќи од 1775 година. Пред тоа, грозејто со сива мувла не се користело за правење вино.
Основана 1211 година Scholl Vollrads е уште една од низата на винарии која сведочи за историјата на винската култура на германците. Најстарата документирана продажба на вино од оваа винарија датира од 1211 година кога извесна количина е продадена на манастирот Свети Виктор од Мајнц. Сопствениците на винаријата биле семејството Вон Грејфенклау. Оваа винарија од Рајнската област осум векови е центар за дегустрирање на посебен ризлинг спарингуван со локална германска колбасица, како што е bratwurst.
Codorniu е симбол на пенливите вина во Шпанија. Формирана 1551 година, винаријата Codorniu која е една од најстарите фамилијарни вински бизниси во Шпанија и светот воопшто, сепак не почнала со пенливи вина. Лозјата и подрумите на Codorniu постојат од средина на XVI век, но дури во 1820-тите години Codorniu почнал со производство на вино „кава“, типично шпанско пенливо вино. Денес, Codorniu е помеѓу трите најголеми производители на пенливи вина во Шпанија со капацитет од околу пет милиони сандаци вино.
Casa Madero, Parras de la Fuente е основана 1597 година во Мексико, и е најстарата винарија на целиот американски континент. Casa Madero е сместена во областа Parras de la Fuente, мала природна долина во Коавил на североисток, веднаш зад границата со Тексас. Најпознатите вина на Casa Madero се произведуваат од сортите мерло, каберне совињон, малбек и темпранило.