Диме беше вљубен во планините.
Секоја можност да крстосува низ нив ја искористуваше и секој пат кога се подготвуваше да и се препушти се чувствуваше како да оди кај љубовница.
Со него секогаш беше неговиот пес, на прв поглед глуп привезок на неговиот сопственик, но всушност беше едно интелигентно и злобно суштество.
Овој пат веќе 3 дена беа во планината, кампувајки кај што стигнат.
Третиот ден им започна, будејки се на познато место, под една столетна бука.
За песот ова исто така ова беше позната територија, која уште додека Диме го местеше шаторот, претходната ноќ, тој ја беше обележал, така да сега мирно спиеше покрај оганот од кој сеуште како тенки пипала се ширеше чад, кој осветлен од утринското сонце што се пробиваше низ гранките изгледаше како свила..
Доручкуваа, јадејки ја последната храна.
Но се беше според планот.
За четири часа живописен пат од овде се наогаше едно село, кое имаше само 11 жители и тоа само во летниот период.
Таму живееше и баба Васа, прабаба на еден другар на Диме, жена која и самата заборавила колку е стара.
Планираше да ја посети.
Откако доручкуваа, набрзина го собра шаторот, и додека го гасеше оганот истурајќи вода од шишето, песот внезапно се исправи на нозе и почна да р’жи гледајки во правец на шумата. Најверојатно некое друго куче или ситен дивеч, си помисли кога тој се стрча во правецот, лаејки, истовремено и уплашен бидејки влакната долж рбетот му беа исправени.
Се врати многу брзо, со подвиткан опаш.
Нешто го уплашило.
Мечка најверојатно, си помисли Диме.
Тргнаа во правец, спротивен од сонцето, мокрејќи си ги обувките од високата трева искапана во утринска роса .
Патот му беше познат на Диме така да тој длабоко вдишувајки го димот од запалената цигара, им се препушти на мислите.
Врвеше кроце.
Размислуваше за баба Васа.
Таа во секој поглед беше интересна старица.
За своите години не сакаше да зборува,, секогаш велејки дека една жена не ги открива своите години, но нејзиниот внук се сомневаше дека таа не знае колку е стара всушност.
Според проценките имаше 91, но според истите проценки можеше да е и 101.
Некаде во април се качуваше во планината , а во октомври се симнуваше за да ја помине зимата во градот.
Едно нешто што на Диме му останало врежано во меморијата, нешто што ја означува баба Васа во неговите сеќавања, се трите кокошки.
Баба Васа, секогаш кога се качуваше кон планината, на пролет, како што споменавме, со себе земаше големи количества залихи од продукти и три кокошки.
Тие и носеа јајца, а кога имаше некој посетител колеше една кокошка.
– Секогаш имам по три посети во текот на летото, велеше таа.
– Еднаш на пазар, раскажуваше таа, на еден трговец му беа останале четири кокошки и успеа да ме наговори да не му оставам една, така да ги купив сите.
Единствено тоа лето имала четири посетители.
***
По од прилика четири саати одење, исполнети со сонце, зуење од пчели, по некој крик од два соколи кои како да ги следеа надлетувајки над нив, вознемирени скакулци и се разбира прекрасни пејсажи, дојдоа пред првата куќа од селото кое беше од полу разбиен тип, така да до куќата на Баба Васа имаше уште петнаесетина минути одење.
Веднаш по влегувањето во селото се огласија селските пси, но по целиот пат од првата куќа до куќата на баба Васа не сретна ниту еден човек.
Песот ја почитуваше туѓата територија и молчешкум врверше до него со подвиткан опаш.
Баба Васа стоеше потпрена со лактите на дрвената порта.
Диме малку се сепна од неочекуваната појава на старицата, и за миг подзатана.
Изгледа и песот се изненади зошто заржа и уште толку го подвитка опашот иако ова не му беше прв пат да биде гостин овде.
Изгледаше како да ги очекува, воопшто не изненадувајки се на нивната појава, се насмеа и се зафати да ја отвара портата која беше “закључена“ така што беше врзана со некаква црвена врвка.
– Добар ден бабо. – ја поздрави Диме
– Добар ден. – отпоздрави таа,со огромна насмевка на лицето, отварајки ја портата за да влезат, притоа држејки едно старо тенџере кое внезапно почна да го удира по дното, како тапан, подрипнувајќи.
На Диме му ласкаше, гледајќи ја бабата како му се радува, иако малку му беше и чудно и чувствуваше и доза на непријатност, но најверојатно немаше видено посетител доста одамна, си објасни тој во мислите.
Дворот беше сосема ист каков што го беше видел последниот пат, освен што недостасуваа насадите од патлиџани и пиперки и всушност како да беше малку запуштен.
Две кокошки, поточно петел и кокошка, спокојно колваа некакви зрна кој личеа на варена пченка, и кои беа фрлени многу скоро, најверојатно од тенџерето кое старицата до пред малку неартикулирано го удираше.
Пројдовме покрај оградата до еден цементиран квадрат, на кој имаше стара дрвена маса покриена со шарена мушама и три столови.
– Седни, гo покани бабата, при што Диме го стави ранецот на едниот стол а на друг седна. Песот седна до него, мирен, воопшто не реагирајки на кокошките, од што Диме беше изненаден, но повеќе задоволен така да не размислуваше повеќе за тоа.
Додека Диме се сместуваше на масата, бабата влезе внатре, во куќата и се појави веднаш со едно шише и две чаши.
– Вино, рече бабата, и воопшто не прашувајки го дали сака, почна да налева во чашите. Ја наполни едната, и како да виде нешто во другата, бр`кна со прстот во неа,, потоа дувна, па и нејзе ја наполни со вино.
– Добредојде, рече кревајки ја чашата
– Добренајдов бабо, рече Диме исто така кревајки ја чашата.
Наздравија и започнаа разговор.
Поточно тоа беше еден долг монолог на баба Васа, додека Диме се вметнуваше, најчесто со едно да, понекогаш со по еден збор а поретко и со реченица.
Сепак, тоа не му пречеше, тој внимателно ги слушаше приказните на бабата, и не осети како пројдоа два саати кога таа внезапно стана од масата и влезе во куќата.
Диме остана сам да седи, гледајќи во шишето кое беше празно истовремено осеќајки го виното како струи во неговото тело правејќи го поспан и возбуден.
Погледна во песот кој целото тоа време лежеше до него и покрај тоа што петелот и кокошката шетаа по дворот.
Диме беше пријатно изненаден и се радуваше дека конечно песот му станал воспитан. Задоволна насмевка се разлеа на лицето на Диме кога бабата влета во дворот со секира во рацете, се упати кон петелот, го фати, му ја стави главата на едно трупче кое беше во близина, и со секирата му ја отсече главата.
Се се случи толку брзо, така што задоволната насмевка на Диме стоеше на неговото лице и кога бабата влезе пак внатре, заедно со петелот без глава.
* * *
Бабата се врати многу брзо, носејќи еден лонец, од кој испаруваше, отиде до еден голем камен на кој седна, го извади петелот од лонецот и почна да му ѓи скубе пердувите.
Диме немо гледаше во бабата внимателно разглеувајки ја, застанувајки на нејзините раце кои вешто ги кубеа пердувите.
Можеби од виното, а можеби и од крвта, тој осети како му се мати видикот и во тој момент бабата се исправи, држејки го петелот за нозе, дигнат во висина на нејзината глава.
Во другата рака држеше запален факел направен од стуткана хартија и почна да го обгорува голото тело на петелот.
Многу брзо Диме осети остар мирис од запалени пердуви, стана брзо од столчето, истрча до еден ќош од дворот и се исповраќа.
– Бабо, јас ќе прилегнам малку, овде на травата – рече тој веднаш потоа и легна под една сенка од една јаболкница.
Бабата го погледна насмеана, не кажувајки ништо.
Мирисот на земјата, му навлезе во ноздрвите, го успокои, и го заспа.
Песот молчешкум дојде и легна до него.
* * *
Го разбуди студ.
Сонцето веќе го немаше.
Селото беше распослано на една источна падина од планината, така да сонцето заоѓаше доста рано.
Диме полека се исправи на нозе, осеќајки вкочанетост во целото тело.
Според проценката што ја направи, спиел околу 4 часа.
Во дворот единствено преостанатата кокошка колвеше наоколу.
Песот како да се разбуди заедно со него, па сега и тој се прозеваше и си ги истегнуваше мускулите, воопшто не обрнувајки внимание на кокошката.
Одкако се раздвижи и се истегна, со поглед го побара ранецот, и откако не го најде, се упати кон влезот на куќата.
Куќата беше иста онаква, каква што покојниот сопруг на баба Васа ја беше изградил пред неколку десетилетија..
Основите беа од камен, а самата куќа беше изградена од исплетени дрвени прачки, покриени со кал, најверојатно во неколку слоеви, бидејки ѕидовите беа доста дебели, и иако беше многу стара, куќата беше многу добро зачувана.
Старата врата тивко зачкрипи.
Диме влезе внатре, и се најде во просторија со земјен под, на средината имаше огниште со запален оган, ѕидовите беа црни од долгогодишно наслојување на чад и на еден од нив беше закачен метален троножец за огништето, под него два дрвени сандаци, околу огнот беа распослани 3-4 парталави черги, и 2 кожи од овца, а помеѓу нив една дрвена софра на која имаше вршник.
Бабата ја немаше.
– Бабо, викна Диме и веднаш потоа слушна движење во една од двете преостанати простории од куќата чии врати се наоѓаа на левиот ѕид од влезот.
– Се наспа ли? – рече бабата излегувајќи од првата врата
Диме само се насмеа, и во тој момент се сети дека бабата не го сака песот, кој беше влегол заедно со него, го фати за ремчето, ја отвори малку вратата, го протна кон надвор и пак ја затвори вратата.
– Седни до оганот, -му рече бабата, а звучеше како наредба.
Диме послушно седна на една од кожите, бабата дојде до софрата и го крена вршникот, под кој се појави веќе испечениот петел во едно тавче заедно со компири.
Бабата се исправи со вршникот во рака, стоеше така некое време гледајќи во Диме смеејки се, потоа го спушти вршникот на земја, отиде до дрвените сандаци покрај ѕидот и од таму извади уште едно шише вино и неколку јаболки, ги стави на софрата, седна од спротивната страна, на другата кожа, го отвори виното и налеа во чашите кои веќе беа таму заедно со испечениот петел.
Диме веднаш се нафрли на јадењето, не беше јаден од сабајлето.
Додека јадеа разговараа, поточно повторно бабата разкажуваше за се и сешто а Диме внимателно слушаше.
Надвор веќе беше ноќ кога Диме свати дека го испиле и ова шише вино и осети како полека го фаќа дремка, така да ја стутка јакната правејќи ја перница, и полегна покрај оганот.
Бабата не прстануваше да зборува, а тој се повеќе навлегуваше во сон, гласот на бабата стануваше се подалечен, и само во еден миг осети како бабата го покрива со некакво ќебе.
Го разбуди жед. Се подiгна од земја, во оганот се уште тлееше жар, беше потполн мрак така да посегна во џебот и го извади мобилниот телефон со кој ја осветли просторијата.
Го најде прекинувачот и го вклучи светлото.
Побара со поглед, и здогледа бокал полн со вода.
Си наточи една чаша и ја испи на екс, потоа седна пак до огништето, фрли неколку дрва и палејки си цигара се сети на песот, па отиде до врата и ја отвори.
Песот лежеше веднаш до вратата, така да ја затвори и седна пак до оганот пушејки ја цигарата.
Додека пушеше забележа дека бабата беше расчистила од вечерата и најверојатно си беше легнала во една од собите, па ја допуши цигарата, го изгаси светлото и пак легна за да продолжи да спие.
Не помина многу време одкако ги затвори очите и навлезе во онаа фаза на полу сон, кога човек е свесен каде е но исто така и сонува свесен за тоа.
Ги отвори очите, оганот полека догоруваше така да светлина имаше доволно само да се наѕираат силуетите на предметите во собата и здогледа човечка силуета на една од вратите од собите.
Воопшто не се исплаши, туку напротив осети некаква топлина во стомакот.
Силуетата стоеше така, потпрена на рамката од вратата некое време, додека тој немо гледаше во неа подигајќи се на лактот и потоа почна полека да се приближува кон него.
Тогаш тој осети како срцето почнува да му удира силно во градите, устата му се исуши, целото тело му се тресеше како да има треска и сето тоа пропратено со силна еротска возбуда.
Кога дојде до него тој забележа дека е жена, сосема гола.
Се спушти на колена до него и ја стави нејзината рака на неговиот образ.
Во ушите му татнеше, срцето сакаше да му изрипа од градите.
И направи место до него, таа седна додека тој ја ставаше раката на нејзиното бедро осеќајќи ја нејзината кожа која беше мека као памук.
Тогаш од оганот се издигна едно пламенче доволно да го види телото кое лежеше до него, нејзината блескаво бела кожа, нејзините гради кои беа како издишани балони и висеа залепени на нејзиното тело.
Тогаш како молња во главата му светна мислата дека тоа беше баба Васа.
Но тоа откритие дури и на негово изненадување само го поттикна уште посилно да ја приближи до себе, препуштајќи и се во потполност.
Песот надвор виеше онака како што до сега не го беше слушнал, но тој не му обрнуваше внимание.
* * *
Кога се разбуди сонцето беше високо на небото, погледна на часовникот и брзо се исправи на нозе. Оганот веќе беше изгаснат. Бабата ја немаше внатре, така да излезе надвор но и таму ја немаше. Песот лежеше онака како што го беше оставил, а кокошката си колвеше во дворот. Ја побара бабата со поглед и во тој миг му се врати целиот сон, сеќавајќи се и на најаситните детали Бабата ја немаше, и тогаш се врати внатре во куќата и почна брзо да си го припрема ранецот, надевајќи се дека воопшто нема да ја види. Целиот тој сон му беше толку реален во сеќавањата така да не сакаше да ја погледне бабата во очи, се осеќаше посрамен, најмногу од самиот себе зошто и сега помислата на сонот сексуално го возбудуваше. Сакаше да избега, го зема веќе спакуваниот ранец и брзо заедно со песот излегоа од дворот на куќата упатувајќи се кон градот. Реши да не одат по патот, туку фати по скратената патека која врвеше низ шумата. Одеа така околу дваесетина минути, кога песот наеднаш се сврте, и се стрча во обратна насока, назад кон куќата на баба Васа. Диме викаше по него но залудно, многу брзо го снема. Се мислеше дали да тргне по него, но реши да остане на местото и да го чека, познавајќи си го песот знаеше дека ќе се врати, така да запали цигара и седна на земја. Точно кога Диме ја допуши цигарата, слушна движење од правецот од кај што го очекуваше песот, така да стана во очекување да се појави. Песот се појави, во уста ја носеше кокошката. Последната кокошка на баба Васа.