Ниските температури предизвикаа големи штети на лозовите насади во Тиквешијата. Најкритични за виновата лоза беа деновите недела и понеделник 8-ми и 9-ти јануари кога беа измерени од -18 до -22 степени Целзиусови, што предизвика измрзнување на повеќе од половина најзастепни трпезни и вински сорти.
Во АД „Гоце Делчев-Тиквеш“ деновиве стручен тим од агрономи ги анализираше примероците на лозови прачки од шест лозарски региони и тоа: Шамаци, Љубаш, Раец, Возарци, Трстеник и Фариш.
Најголем процент на измрзнување е регистрирано во Фариш и тоа 60 отсто кај сортата Вранец, додека во понискиот дел во атарот на селото Трстеник измрзнувањето кај Вранецот е 40 проценти. Од трпезните сорти анализите покажале измрзнување од 40 до 50 отсто кај сортата Афус Али, од 45 до 60 отсто кај Мишел Палиери, 70 проценти кај Рибиер и 50 проценти кај сортата Кардинал.
Кај смедеревката која е една од најзастапените сорти во Тиквешијата регистрирано е измрзнување од 30 отсто, кај Бургундецот 25 отсто, сортата Шардоне е измрзната од 15 до 25 проценти додека кај сортите Каберне и Жилавка има најмало измрзнување од 10 проценти, а кај Темјаниката измрзнувањето е една четвртина.
Најголем процент на измрзнување има регистрирано кај сортата Сира со 70 отсто.
„Анализите за утврдување на степенот на измрзнување на лозовите насади ќе продолжи и наредните денови бидејќи со досегашните анализи не се опфатени сите сорти, меѓутоа првичнте сознанија се дека штети се големи, а родот од годинашнава реколта е преполовен“ – изјави директорот Ристо Милев.
Во АД „Гоце Делчев – Тиквеш“ кое поседува 800 хектари под лозов насад и е најголем производител на трпезно и винско грозје во Македонија во голем процент од лозјата резидбата е завршена, што значи дека можност за корекција на родните папки при резидбата не е можна.