Импресионирајте со Вашиот вински речник

Лесно е да се ужива во виното, но да се зборува за него на вистински и правилен начин може да биде тешко. Сепак, тоа е вештина што може да се развие. Притоа, процесот на совладување на специфичната терминологија што ќе помогне да се „вооружите“ со зборови со кои ќе ги опишете вкусовите и мирисите што ги откривате во виното, може да биде интересен и забавен.
Иако секој индивидуално го доживува вкусот и чувството при пробување на одредено вино, искусните дегустатори се согласиле за значењето на одредени термини при опишувањето на виното. За да го олесни и унифицира „јазикот“ за опишување на виното, пензионираната професорка од Катедрата за енологија и лозарство на Универзитетот на Калифорнија во Дејвис, Ен Нобел (Ann C. Noble), го создала т.н. „тркало на аромите“. Во него на лесен и прегледен начин се систематизирани сите вкусови и мириси што може да ги очекувате во виното.

wine-aroma-wheel
Па така, посебно се групирани примарните ароми во виното, кои се формираат како резултат на карактеристиките на сортата и поднебјето во кое се одгледува грозјето. Такви се овошните, цветните, хербалните ноти, како и аромите на различни зачини. Секундарните ароми во виното се формираат како резултат на процесот на ферментација под дејство на енолошките квасци и типични секундарни ароми се вкусот и мирисот на путер, тартуфи, печурки или тесто. Терцијарните вински ароми се развиваат за време на процесот на одлежување или стареење на виното во дабови буриња и такви се аромата на ванила, на суво овошје, тутун, тост, кокос.
Друг корисен извор на информации на оваа тема се винските речници, меѓу кои и оној на нашиот веб сајт. Секако не заборавајте да нарачувате и купувате различни типови вино и на тој начин да ја усовршите вештината на опишување на виното.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *