Италија е официјалниот глобален лидер во производството на вино во 2016 година, објави асоцијацијата на производители „Колдирети”.
Медитеранската земја произведе околу 50 милиони хектолитри вино минатата година и забележа пораст на извозот за 3 отсто, на рекордни 5,6 милијарди евра.
Повеќе од 40 отсто од италијанските вина (332) се со заштитено потекло, додека околу 30 отсто, ја носат ознаката „типичен географски индикатор”. Преостанатите 30 отсто се трпезни вина.
Од аспект на извозот, италијанските вина имаат сè поголем успех на пазарите кои традиционално се сметаат за водечки производители. Пласирањето на вината во Франција се зголеми за 5 отсто, САД за 3 отсто, Австија за 14 отсто и Шпанија за 1 отсто. Во француската област Шампањ, пенливото италијанско вино забележа неверојатен двоцифрен пораст за дури 57 отсто.
Италијанскиот вински сектор остварува годишен промет во висина од 10 милијарди евра и вработува 1,3 милиони луѓе.