Светското производство на вино во 2018 година се зголемило до рекордно ниво, брзо опоравувајќи се од слабата берба во претходната година, иако потрошувачката не се зголемила. Ова беше објавено денеска од Меѓународната организација за лозарство и вино (OIV).
По рекордно лошата берба во 2017 година, најлоша во последните 60 години, кога производството страдаше од екстремно лошите временски услови во Европа, вклучувајќи суша и бури, светското производство се зголеми за 17% минатата година, т.е на 292,3 милиони хектолитри, соопшти организацијата.
Растот е воден од значителното зголемување на производството во Италија, Франција и Шпанија – три од најголемите светски производители. Сите известија дека производството е најмалку 13% повеќе од петгодишниот просек.
Светската потрошувачка на вино не пораснала минатата година, главно поради економското забавување на Кина и неизвесноста околу Брегзит, според Меѓународната организација за лозарство и вино, објави францускиот печат.
Минатата година околу 246 милиони хектолитри вино беа потрошени во светот во споредба со 246.7 милиони хектолитри во претходната година, се вели во организацијата со седиште во Париз.
Светската потрошувачка на вино “се чини дека е на пауза во растот главно поради намалената потрошувачка во Кина и Обединетото Кралство”, според Меѓународната организација за лозарство и вино.
Минатата година во САД, водечки светски потрошувач на вино, продолжија да се регистрира раст на домашната побарувачка на 33 милиони хектолитри, што е зголемување за 1,1% од 2017 година. Во Јужна Америка потрошувачката опадна во една од најголемите земји за производство на вино, Аргентина (8,4 милиони хектолитри или 6,3%).
Во Европа потрошувачката е останато речиси стабилна, во Франција (26.8 милиони хектолитри, – 0,7%), во Италија (22.4 милиони хектолитри, – 0,9%), Германија (19.7 милиони хектолитри, +1.3%) и во Шпанија (10,7 милиони хектолитри, + 1,8%).
Во Португалија и Романија се забележува најсериозен раст – односно со 5.4% и 8,7% до 5,5 милиони хектолитри и 4.5 милиони хектолитри. Грција забележа пад од 8,7%, т.е на 2,1 милиони хектолитри.
Во Кина, каде растот е забавен, потрошувачката во 2018 година се намалила со 6,6% во однос на 2017 година и достигна 18 милиони хектолитри, покажуваат податоците на Меѓународната организација за лозарство и вино.
Шпанија остана главен извозник по обем минатата година со 20,9 милиони хектолитри, што е 19,4% од светскиот пазар. Франција е на прво место во светот како извозник од 9,3 милијарди евра (+ 2,8%).