Бовин, првата македонска приватна винарија која ги помести стандардите

Винаријата Бовин е основана во 1998 год. од браќата Кирил и Ѓорѓи Богевски и е првата приватна винарија во Македонија. Започнувајќи со скромен капацитет од 120.000 литри, на исклучиво квалитетно вино, во 1999-та своето прво вино го продаваат за цена шест пати поголема од онаа на Т’га за југ, водечкото вино во тоа време. Од таму почнува приказната на производство на квалитетно флаширано вино, која ја следеа речиси сите приватни винариии во земјава. Денес оваа винарија располага со капацитет од милион литри, а производството е еднакво на капацитетот. Бовин во моментов поседува околу 60 хектари, а останатото потребно грозје го купуваат од проверени кооперанти со кои соработуваат години наназад.
Погледнувајќи наназад, Бовин одигра огромна улога во трансформацијата на македонскиот вински п азар и во поместувањето на фокусот од квантитет кон квалитет. Тие беа првите кои почнаа да прават квалитетни вина и продолжуваат да го прават тоа и денес. Нивниот успех, без сомнение, инспирираше многумина да основаат свои винарии. Ако Кирил Богевски го прашате за клучот на неговиот успех, скромниот одговор од него е – судбина! „Родени сме во винската визба на кралот“, вели Кирил (браќата се родени во кралската визбата во Демир Капија, во винаријата Еленов).

Vinovoda1

Винаријата Бовин е одамна спремна за винскиот туризам со својата соба за дегустација, а при крај е изградбата на ресторанот и неколку апартмани, кои имаат поглед врз нивниот базен и блиските лозја.

Бовин извезува вино на пет континенти, и се многу горди на својот извоз во земјите од стариот свет, Франција и Шпанија. Интересно е да се спомене дека нивното вино Александар е едно од вината избрани да се служат за венчавката на крунскиот принц Вилхем од Холандија, на втори февруари 2002-та година.

BovinBure
Бовин во моментов нуди дури 34 различни вина, од кои 22 се едносортни, а останатите се блендови од различни сорти. Во својата гама на производи нудат и три вида на ракии, како и шери бренди.
За квалитетот на вината на Бовин говорат и многуте награди. Како најзначајни ќе ги спомнеме Grand Prix за Pinot Noir на Food and Wine Саемот во Копенхаген, Данска, неколку последователни Бронзени медали за виното Chardonnay на натпреварот во Бургундија-Chardonnay of the World и преку 67 останати награди на домашните и светските саеми и манифестации.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *