Кратошијата на ВВ „Тиквеш“ помеѓу 100-те најдобри вина на британскиот пазар

Независните трговци со вино во Велика Британија на својот избор го класифицираа виното „Кратошија“ од бербата 2017 на Винарската визба „Тиквеш“ меѓу ТОП 100 вина на британскиот пазар за 2018 година.

Во коментарот за „Кратошија“ судиите наведуваат дека со ова вино „се исполнува една од целите на изборот и на независниот вински пазар – да се откријат изненадувачки вина кои ги надминуваат очекувањата“ и дека иако „малку кој чул и за ова вино и за неговиот регион, тие биле силно импресионирани од неговиот квалитет, но – не помалку важно – и од неговата вредност“.

Kratosija

Главните критериуми за изборот на вината се нивниот квалитет и вински карактер, но секогаш во корелација со нивниот потенцијал за продажба на предизвикувачкиот британски пазар. Сите 21 судии на овој избор се претставници на специјализирани продавници за вино во Велика Британија, а голем број од нив се и вински експерти и професионални вински оценувачи.

„Кратошија“ е единственото вино од поширокиот регион кое се најде меѓу победниците на изборот, на кој годинава се пријавија 700 вина од, пред сѐ, познати вински региони од Франција, Италија, Шпанија, Германија, Австрија, Грција, Австралија, Чиле, Аргентина, Германија, Нов Зеланд, Јужна Африка и САД. Во изборот учествуваат исклучиво вина кои се продаваат во независни специјализирани продавници за вино на територијата на Велика Британија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *