Молдавија е дефинитивно земја на виното – со околу 150 винарии и околу 150.000 хектари со винова лоза. Во мојот хотел на мојата работна маса ме дочека интересен дрвен календар со вина од винаријата Vitis Hincesti на кои се наоѓа отварач за вино. Одличен маркетинг.
Молдавија е во топ 7 земји извозници на вино во светот. Виното е најзначаен производ за економијата на оваа земја. Приходите од извоз на вино се скоро половина од приходите од целокупниот извоз на Молдавија.
Она по што е позната Молдавија е и најголемата подземна винарска визба во светот, “скриена” под земја. На само 15 километри северно од Кишнев, под земја лежат рудниците Крикова (Cricova). По Втората светска војна, празниот простор во рудниците е пренаменет за подземна визба. На длабочина од 60-80 метри, температурата е константна и ниска, што се идеални услови за складирање и ферментација на пенливи вина.
Крикова е лавиринт од подземни улици, секоја именувана според типот на вино што е складиран. Треба да имате водич за да не се изгубите. Улиците се толку пространи, што може и камион да вози по нив.Во Музејот Крикова се наоѓа националната винска колекција од 1,2 милиони шишиња со 653 имиња на локални и светски брендови. Најстарото вино е од 1902 година и се вика “Jewish Easter Wine”. Овде се наоѓа и приватната збирка на германскиот генерал Херман Геринг. За време на Втората светска војна, генералот ја донел својата колекција во Молдавија за да биде близу до него на источниот фронт.