Веројатно најраширената винска сорта „каберне совињон“ е и најважната меѓу винските сорти. Ја нарекуваат и нобл-сорта. Ретко кој не ја пробал зашто и кај нас значајно се сади и дава одлично вино
„Каберне совињон“ е раширен низ целиот свет. Безмалку нема винска земја што не ја негува оваа сорта, особено во земјите со многу сонце, зашто „совињонот“ бара многу сонце. Но тоа е и главната сорта во најфамозните вина во светот – оние од областа Бордо во Франција. Но за популарноста особено се заслужни новите вински земји, како Австралија, Калифорнија, Јужна Африка, кои со „совињонот“ направија вистински бум на винскиот пазар. „Каберне совињон“ дава извонредни резултати, често и подобри од земјата на своето потекло, Франција. Но судејќи по сé, со ова се претерува, па затоа се говори за „кабернеизација“ во винарството.
Освен популарноста, оваа сорта е и една од најстарите познати и опишани сорти. Неа ја регистрирал уште историчарот Плиније во првиот век од нашата ера. Според најновите истражувања, утврдено е дека оваа сорта настанала со спонтано вкрстување на „каберне фран“ и „совињон блан“. Од таму е изведено и името.
„Каберне совињон“ е погодна сорта затоа што зрее малку подоцна, ги избегнува пролетните мразови. Расте на разни видови почва.
Оваа сорта има извонредно голем квалитативен потенцијал и затоа е доминантна меѓу најпознатите вина на светот.
Препознатлив е по својата интензивна рубин црвена боја. Мирисот е особено интензивен, варира од цветни ароми до овошни, како што се рибизлата, капината, вишната, сливата, кандираното овошје, па сé до зачински нијанси на зелен пипер, тутун, нане, еукалиптус и други.
Кај „каберне совињон“ најпривлечен е вкусот, затоа што резултира со вина што се складни, богати, силни и имаат долг век на стареење и чување. Една од причините е високата концентрација на танини во кожичката на грозјето. Во тек на посебноста на третманот преминуваат во трпки, но за тоа треба да помине повеќе време во зреење. Затоа, врвните вина од „каберне совињон“ достасуваат за пиење по две-три години од бербата. Некои берби дозреваат и по 15 години.
„Каберне совињон “ одлично се меша со други сорти. Во Бордо со „мерло“ и со уште неколку сорти. Во Италија со „санџовезе“ и „небиоло“, во Австралија со „шираз“.
„Каберне совињон“ е најчесто третирано вино во барик. Реагира извонредно добро и дава исклучителни резултати. Сите ароми и вкусови одлично се вклопуваат со аромите што ги дава дабот.