Вистинската приказна за кралската винарија

…историја, традиција, култура – преточени во напивката на Боговите…
Демир Капија започнува со археолошкиот локалитет Стоби, кој сведочи за вековите низ богатата историја на градот. Во него постојат раскошна базилика, крстилница, антички театар… Обилува со фасцинантните претстави на винова лоза и птици на локалитетот, зачувани на делови од камена пластика, датирана во првите векови од новата ера. Некогашните жители на градот знаеле што е подно греење, а градот имал и своја ковачница за монети…
Еден дел од историјата, која во едно место ги врзала виното и љубовта е во винарската визба „Еленов“ позната како „Вила Марија“ во Демир Капија. Изградена е на просторот каде што се спојуваат медитеранската и умерено континенталната клима и каде што има дури 280 сончеви дена во годината. Нејзината приказна започнала во 1928 година, кога двајцата сопружници, кралот и кралицата Александар и Марија Караѓорѓевиќ, решиле да купат имот за винарска визба со добиениот мираз на невестата од татка си, романскиот крал Фердинанд. На три места во околината биле закопувани јагнешки глави за да се одреди вистинската локација, а токму таму каде што сега е винарската визба, едната од нив по три години стоење во земја најмалку се распаднала. Најголем дел од објектите што потоа се изградени, денеска се реновирани. Дел од нив како индустриско културно наследство се ставени под заштита на државата, а раскошната „Вила Марија“, пред која стојат две керамички скулптури кои жителите ги нарекуваат „момички“, ставена е под заштита на УНЕСКО. Пред Втората светска војна, „момичките“ биле закопани во лозјата и така се спасиле од уништување.
Во дворот на винарската визба може да се видат изложени стари машини, буриња, а низ облагородениот простор, каде некогаш било развиено големо стопанство, шетаат и пауни. Забележано е дека кралицата дошла на посета дури два пати, а кралот ниту еднаш, иако го пиел виното што тука се правело во бочви, кои и денес се користат. Кралицата Марија била ктитор на црквата „Пресвета Богородица“ во Демир Капија. „Кога дошла на осветувањето на оваа црква, која и денес се гледа од имотот, била пречекана на железничката станица со црвен килим и пајтон“.
Но, еве како тече приказната за винаријата…
Кога во 1927 година српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ испратил во Македонија група експерти во потрага по исклучително плодно земјиште за својот имот што сакал да го подигне тука, меѓу повеќето локации на просторот на општините Кавадарци, Неготино и Гевгелија експертите како најповолна за формирање земјоделско стопанство ја предложиле земјата во селото Бања, меѓу реките Бошава и Вардар. Тоа била последната преселба на месното население, на кое кралот му наредил да се исели кај железничката станица, каде започнала изградбата на новата населба која го добила името по познатата клисура Демир Капија, што на турски значи железна врата. Кралот во 1928 година го откупил од турските бегови Усни-бег и Мемед-бег земјиштето со површина од 2700 хектари за 2000 лири.
Златниците биле испратени преку Конзулатот на Кралството Југославија од романскиот крал Фердинанд, кој и ги подарил на својата ќерка Марија, сопругата на српскиот крал Александар. Земјата можела многу лесно да остане во сопственост и на извесен Апостол, жител на селото Бања, кој на турскиот Усни-бег му понудил 2300 златни лири, повеќе одошто платил кралот, но турскиот бег не се кандисал да му го продаде нему ни за 3000 лири, оти само кралот можел да му гарантира дека ќе си го пренесе златото во Турција.
Кралскиот имот започнал веднаш да се гради – управни и станбени згради, простории за сместување на затворениците кои работеле на имотот, штала за крави, кокошарник, свињарник, работилници за поправка на машините… На еден километар југозападно од стопанството била изградена модерна ергела за одгледување коњи исклучиво од расата липицанер, а на 500 метри јужно од ергелата била изградена дворска воденица за мелење концентрати, во чиј состав била монтирана централа за струја од 110 волти за осветлување на ергелата. Покрај сточарството и овоштарството, тука било развиено и градинарството, а за прв пат на имотот биле посадени садници багрем, кои од тоа време го задржале името кралче.
Кралот Александар Караѓорѓевиќ за управник на имотот го поставил Милош Леовац од Белград, кој останал во Демир Капија до крајот на својот живот. Сепак, основната дејност во земјоделското стопанство било лозарството, па кралот токму тука ја направил својата винарска визба во која се произведувало висококвалитетно црвено вино, наменето само за потребите на кралскиот двор во Белград. Капацитетот на визбата бил 150.000 литри вино за чие производство се користеле четири стаклени базени проектирани во Австрија во кои грозјето ферментирало, а директно од Србија биле донесени дрвените бочви со капацитет од 4000 до 6000 литри вино кои со синџири биле спуштени во подрумот преку отворот. Оттогаш до денес бочвите не се поместувани. Токму на овој имот кралот заповедал да се изгради и вилата “Кралица Марија”, пред чиј влез биле поставени две статуи наречени каријатиди, изработени и составени во Романија од печена земја-теракота. Тие биле симбол на младоста и убавината и во античка Грција биле ставани пред храмовите како нивни заштитници, со што кралот Александар и ја задоволил желбата на својата сопруга, иако тој повеќе посакувал пред влезот да постави два лава како симбол на моќ.

Vinarija Elenov 04 20140904 www.for91days.com DSC09119
Се тврди дека кралот никогаш не дошол да го види својот имот во Демир Капија, и покрај тоа што во писмените сеќавања што ги оставил Петре Каранфилов од Демир Капија се споменува дека тој сепак го посетил имотот. Според пишувањата, тоа се случило во 1931 година, веднаш по катастрофалниот земјотрес чиј епицентар бил кај Удово, а се почувствувал дури до Скопје. Српската кралица Марија го посетила имотот во 1934 година, по убиството на крал Александар во Марсеј, во Франција. Како што запишал Каранфилов, тогашен железничар на железничката станица во Демир Капија, кралицата Марија на оваа станица пристигнала со специјален воз, а за таа пригода на станицата била изградена специјална чекалница. Оттаму, кралицата со пајтон влечен од два бели коња од кралската ергела била однесена во кралската вила, каде останала само еден ден и квечерината повторно со специјален воз заминала назад во Белград.
Кралското семејство го оставило во наследство целиот имот на нивниот среден син Томислав, но за време на војната, во 1941 година Германците ги пренеле сите коњи липицанери од ергелата во Демир Капија во Германија. За тоа време сведочи и куршумот останат во едно од дрвените буриња во визбата. Некој германски војник посакал да проба од виното, но кога видел дека бурето нема чеп, пукал во него, но дрвото не попуштило. Многу години подоцна, неговиот син, тогашен амбасадор, го посетил винскиот подрум во Демир Капија за да се увери во вистинитоста на приказната.

Vinarija Elenov 11 20140904 www.for91days.com DSC09173

Имотот во Демир Капија бил кралски се до 1947 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *