Ексклузивно за www.vinotika.mk од Верона, Дамата сомелиер, Анче Наневска
Верона ја знаеме по најславните несреќни љубовници на светот – Ромео и Џулија, осудени на вечност преку перото на Вилијам Шекспир. Но, веќе 50 години Верона е и градот на Винитали, еден од најголемите светски саеми на вино – манифестација која од година во година расте и се збогатува со нови активности и награди.
Во оваа јубилејна 50-та година, од 10 до 13 април Саемот на Верона и неговите 100.000 mq беа преплавени од 130.000 професионалци од 140 земји, 4100 излагачи од над 30 земји, 50.000 интернационални посетители од кои 28.000 од трејд, 2375 новинари од 47 земји и река од љубопитни љубители на вино.
Веќе пет години по ред на официјалното отварање на Винитали му претходи најгламурозниот вински настан во Европа – Opera Wine, организиран од врвниот вински магазин Wine Spectator, на кој се присуствува само по покана. На настанот секоја година се претставуваат 100те најдобри италијански вина и се назначуваат амбасадори на италијанското вино низ светот. Главна ѕвезда оваа година беше славниот пеач Стинг чие вино „Sister Moon”, произведено на неговиот посед Il Palagio во Тоскана, влезе во најдобрите. Сопругата на Стинг, Труди Стилер, ја раскажа нивната емотивна врска со Италија и со виното, а Стинг со својата музика ја дигна на нозе воодушевената публика од новинари и вински експерти: беа тоа прекрасни моменти на спој на две уметности – музичката и винарската.
Како што можеше да се очекува Фрескобалди, Маркези Антинори, Орнелаја, Сан Гуидо и други големи имиња од италијанското вино беа на чело на листата. По прес-конференцијата следеше дегустација на сите наградени вина – вистински празник на вкусот.
Цели четири дена Верона беше под винска опсада: по целодневните активности на саемот, публиката се преселуваше во срцето на градот, каде што под ѕвезденото небо над старите палати и строгиот поглед на Данте Алигиери, се одвиваше манифестацијата Винитали и градот, со многу семинари дегустации.
За љубителите на природни вина беше одделен посебен простор: Био, Вивит и ФИВИ беа целосно посветени на органскато производство и беа, без сомнение, меѓу најпопуларните штандови на саемот. За неуморните, и оваа година во околината на Верона беа организирани двете познати независни вински манифестации, целосно посветени на природните вина: ВиниВери во Череа и Вила Фаворита ВинНатур во Монтичело ди Фара, во близина на Виченца. Заинтересираноста, како и обично, беше огромна.
Веројатно оваа се поголема жед за природно беше и повод за Винитали да за прв пат распише конкурс за органски вина. Името на конкурсот беше „Вина Без Ѕидови“, а изборната комисија беше предводена од американскиот експерт во овој домен Алис Феиринг. Вината победници беа претставени на 10 април на сцена специјално наменета за нив.
Во засебниот дел наменет на интернационалните вина, оваа година за прв пат заедно настапија и пет винарии од Србија: Винарија Звонко Богдан, Александровиќ, Алексиќ, Радовановиќ и Вино Будимир. Во разговорот што го имав со нив, истакнаа дека се задоволни од посетеноста и интересот на публиката.
Од Винитали и оваа година ќе останат многу вина дегустирани, многу контакти остварени, и како и секогаш, многу непотврдени гласини и полемики – дали е вистина дека славниот италијански производител Бјонди Санти ќе биде продаден на аукција? Дали е во ред да се остават отворени вратите и за аматерите или е подобро Винитали да биде само за професионалците, како што тие посакуваат? Вреди ли да се присуствува на Винитали или е подобро да се посетуваат помали саеми каде што не се губи толку енергија, а можат да се постигнат слични резултати? Една работа е сигурна: помеѓу пофалби и поплаки, Винитали живее и цути веќе 50 години. Ние му посакуваме да живее барем уште толку и што поскоро да се обогати и со штандови на македонско вино.