Продажбата на вино во светот во 2015 година се зголеми за 10,6% до 28,3 милијарди евра. По обем на извозот лидер е Шпанија со 24 милиони хектолитри, следат Италија – 20 милиони и Франција – 14 милиони хектолитри. Ова го пишува денеска францускиот весник Фигаро, повикувајќи се на годишниот извештај на Меѓународната организација за лозарство и производство на вино „OIV“.
Во монетарна смисла, сепак, на прво место е Франција со вредност на извозот од 8,2 милијарди евра (29% од пазарот), втора е Италија (5,3 милијарди.), трета е Шпанија (2,6 милијарди евра).
Овие три земји владеат 56% од светскиот извоз на вина, кој е 104,3 милиони хектолитри. Најзначителен раст на својот вински експорт регистрираат САД (26,5% во монетарна смисла) и Кина.
Лидер во потрошувачка на вино трета година по ред се Американците со потрошувачка од 31 милиони хектолитри. Шефот на „OIV“, Жан-Мари Оран забележува дека растот на потрошувачката се обезбедува главно од средната класа. Ова важи особено за црвеното вино, за кое се смета дека влијае поволно на здравјето.
Вкупната површина на лозјата во светот, според податоците на организацијата, се скратени незначително до 7,53 милиони хектари, главно на сметка на Европа. Експертите наведуваат зголемување на површините со лозови насади во Кина, откако оваа земја е и главен двигател на светскиот раст во продажбата.