Органско вино!!! Што е тоа?

Органските вина будат љубопитство. Во трендот на здравата исхрана влегуваат и вината, иако кај нив поимот за органско е сосема поинаков и порастеглив.
Што е, всушност, органското вино? Пред сѐ, се работи за вино направено од грозје одгледано на органски, природен начин, односно по строги правила на органското производство. А тие правила се навистина многу строги и треба многу труд за органско одгледување овошје. Тоа значи дека во одгледувањето не се користеле пестициди, хебрициди и други хемикалии, а во виното не се додадени вештачки ароми и вкусови. Тие дури и не се филтрираат и не се дозволува ништо повеќе од винскиот квасец, кој треба да ја направи ферментацијата. Правилата, впрочем, важат и за секое овошје што претендира да биде органско.

Но, ако се знае дека најголемиот дел од лозјата во Европа се прскаат по десет и повеќе пати во годината, тешко дека некој поминува без таа помош, па колку и да е незначителна. Меѓу другото, некои македонски производители би можеле да поминат како „органски“ затоа што користат навистина минимални количества заштита на растенијата и плодот.

nebula_web []

Експертите се мошне поделени за тоа дали постои или не органско вино. Мошне значајни авторитети тврдат дека такво вино ниту во блиска иднина ќе може да биде направено. И ако биде, велат, тоа ќе биде разочарувачки лошо. Други се залагаат за трендот на органското здраво производство, зашто тоа е иднината, сметаат.

Но постојат и заговорници на уште подрастични методи. Тоа се таканаречените биодинамичари, кои не признаваат никаква вештачка апликација, па дури и ѓубривата за лозјата ги прават на природен начин и од посебни суровини, не користејќи ништо за заштита на лозјата. Дури и работата во лозјата се одредува според месечевите мени. А горивото употребено за машините во лозјата е задолжително – биодизел.

Методите, меѓутоа, се мешаат и се експериментира на многу начини, зашто непостоењето додатоци предизвикува мошне неуедначен квалитет кај виното. Особено драстични се разликите од берба до берба. Некогаш годината може и да биде успешна, но наредната веќе не е. Се смета дека органските вина не се толку добри и вкусни како оние неорганските.

Но постојат и исклучоци и се смета дека успехот на Аргентина, која стана петти извозник на вино во светот, се должи на тоа што лозјата се наоѓаат на надморска височина од околу 2.000 метри, што овозможува многу мала или никаква употреба на заштитни средства во одгледувањето на грозјето.

Во светот веќе постојат најмалку две илјади винарници што декларираат дека нивното вино е органско.
Половината од нив се во Франција, што ја зголемува љубопитноста. Зашто сѐ уште владее мислењето дека ако Французите прават органско вино, тоа мора да е нешто добро!

274_organic

Целиот процес и толкувањата на тоа што е органско се заплеткани во многу толкувања. До скоро ЕУ не им дозволуваше на производителите да ги декларираат своите вина како „органски“. Дозволата одела само дотаму да се назначи дека виното било направено од органско грозје. Сега оваа забрана е симната и може да се нагласи органското во виното, зашто толкувањето е дека органските вина можат да содржат мало количество сулфити, што инаку досега беше главната пречка.

Ваквата промена доаѓа по сознанијата дека сулфитите не се штетни за човекот. И самото вино со созревањето продуцира еден дел сулфити. Освен тоа, сулфитите се и своевиден конзерванс, кој им овозможува на вината да потраат и да не се расипат.

Во класично произведените вина има до 350 единици сулфити. Засега дозволеното ниво на сулфити во виното што се декларира како органско е ограничено на максимум сто единици за црвените и по 150 единици сулфити за белите и за розеата. Ова ограничување во САД изнесува само десет единици, и тоа за оние сулфити што ќе се создадат во самото вино. Некоја полемика и нема зашто производителите на органски вина се во големо малцинство и винарите не се чувствуваат загрозени. И поради вкусот органските вина не се премногу омилени кај уживателите во виното и со сомничавост се примени. Макар што многу производители имаат обичај да кажат дека нивните вина се произведени на здрав начин без додатоци. Но сепак се забележува дека кај младите од 20 до 35 години постои интерес за овој вид вино.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *