По петти пат ќе се избира најдобро младо вино произведено во домашни услови

Здружението на винари од Македонија, петта година по ред, организира натпревар за најдобро младо вино, произведено во домашни услови. Потпретседателот на Здружението со седиште во Кавадарци, Елена Богева потсети дека станува традиција Тиквешијата да го одбележува денот на младото вино, во винскиот свет познат како „Божоле нуво”.

– И оваа година организираме дегустација и оценување на млади вина произведени од индивидуални производители. Целта е поттикнување на малите производители на вино да го подобрат и промовираат своето производство и да го преточат во свој семеен бизнис, најави денеска Богева во изјава за МИА.

Доставувањето на мострите ќе се врши до 12 ноември. Дегустацијата и оценувањето на примероците од страна на стручни лица, ќе трае два дена. Доделувањето на наградите ќе биде на самиот ден на младо вино, а тоа е третиот четврток во месец ноември.

Здружението заедно со своите соработници, Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип и неколку фирми поддржувачи на овој настан, ќе организира доделување на дипломи и награди за најдобрите млади вина.

– Ова е мал јубилеј за нас, но многу голем за сите кои срамеживо прават вино и кои имаат потенцијал да направат мали семејни винарии, велат од Здружението на винари од Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *