Неколку години по ред, скопска традиција е да се оди кај Јохан и Цеце Елзесер на празникот на лозарите, Свети Трифун. На падините на Водно, веднаш над скопската населба Козле се наоѓа лозјето кое традиционално секој 14-ти Февруари е најпосетено место во Скопје. Домаќините Јохан и Цеце сериозно ја имаат сфатено подготвката на овој настан, па така од година во година е се повесело и поразиграно.
Под мотото „На 14 Февруари Лоза ќе закројам, Песна ќе запеам, Вино ќе се напијам, со Љубов ќе се опијам, Кај Јохан и Цеце на Св. Трифун ќе одам“, многу познати и помалку познати ликови, скопски урбани легенди, млади убави луѓе и луѓе со вечен младешки дух на овој ден го празнуваат денот на виното со гитари, трубачи, чалгии, тамбураши. Никогаш не се знае кој ќе изненади со свој настап, ниту пак колку вкусни традиционални македонски јадења ќе ве дочекаат на трпеза. Секоја година е различно и се прераскажува се до наредната.
Ете конечно дојде „наредната“, за која се зборуваше од лани. Уште еднаш Скопје ќе доживее гурманска бајка во која секоја година уживаат љубителите на виното и доброто мезе.