Екстремно ниските температури кои ја зафатија земјава на почетокот на годината беа погубни за лозовите насади. Ден после Свети Трифун, големиот празник на лозарите, нема радост кај нив. Се жалат дека оваа година ќе биде катастрофална не само за лозарството, туку и за винската индустрија во земјата.
Велат дека во одредени региони во државава има целосно замрзнување на лоозовоите насади, а очекуваат годинешната берба да биде до 70% помала споредено со лани.
Според Љупчо Аризанов од Сојузот на лозари, Агротиквешија, до април со сигурност ќе се знае колкави се штетите на лозарството од екстремно ниските температури.
Во голем дел од регионите има измрзнување на лозовите насади до 70%, а во некои места каде што имаше екстремно ниски температури, до 100% се штетите од замрзнувањето на лозите. Според нашите пресметки од сега очекувањата се дека годинешната берба ќе биде од 65% до 70% помала споредено со 2016 година. Тоа ќе биде катастрофално за целата винска индустрија, вели Аризанков.
Тој вели дека очекуваат средба со надлежните од Министерството за земјоделство за да им се даде поддршка на лозарите, бидејќи како што вели загубите ќе бидат големи.
Што се однесува на исплатата на грозјето од ланската берба, вели дека сите винарски визби ги почитуваат роковите и ги исплаќаат лозарите за откупеното грозје согласно со законот, освен како што вели една винарска визба со која континуирано имаат проблем.
Грозјето лани се откупуваше по цени од 11 денари за смедеревка, и 13 денари за килограм картошија. Од минатата година со закон беше внесено 20 проценти од грозјето да биде платено по откупот и тоа до 15 декември. Доколку не се почитува тој договор, за винарите ќе има казна од десет проценти.
Следната исплата е предвидена до 15 февруари и тоа 40 проценти од вредноста на количината на откупено грозје.</p>
Последната рата да биде до крајот на април кога треба да бидат исплатени уште 40 проценти од грозјето. Доколку не се почитуваат тие рокови, винариите ќе имаат 10 отсто пенали кои треба тие да ги плаќаат.
Исто така законското решение предвидува оној кој ќе договори откуп на количина грозје со винариите, доколку сака исплата веднаш во рок од 7 дена по извршениот откуп, ќе му биде платено грозјето со осум проценти намалување од договорената цена.