Расте извозот на вино

Расте извозот на вино. Поволните временски услови минатата година ја направија една од рекордните за винската индустрија во земјава. Податоците на Министерството за земјоделство покажуваат дека извозот на вино во шишиња минатата година е зголемен за 7%, додека пак кај извозот на наливно вино имаме зголемување за 55%, споредено со претходната 2015 година.

Вкупно на странските пазари минатата година македонската винска индустрија за 29% го зголемила пласманот на македонско вино.

Зголемување на извозот на вино во шишиња е една од основните цели кон кои се стремат винарските визби во земјава. На тој начин се создава еден препознатлив бренд на македонско вино со врвен квалитет.

Така од година во година од земјава на европските и светските пазари се зголемува процентот на извозот на вино во шишиња, а се намалува процентот на извоз на наливното вино.

Дека минатата година беше рекордна за винската индустрија покажуваат и бројките за родот кој во 2016 година беше за 15% поголем.

Бербата беше тешка 170 милиони килограми од кои 20 милиони беа берба за сопствено производство, а винарските визби откупија 140 милиони килограми грозје.

Грозјето лани се откупуваше по цени од 11 денари за смедеревка, и 13 денари за килограм кратошија, при што цената прогресивно расте согласно шеќерните единици.

Од минатата година со закон беше внесено 20 проценти од грозјето да биде платено по откупот и тоа до 15 декември. Следната исплата е предвидена до 15 февруари и тоа 40 проценти од вредноста на количината на откупено грозје.

Последната рата да биде до крајот на април кога треба да бидат исплатени уште 40 проценти од грозјето.

Доколку не се почитуваат тие рокови, винариите ќе имаат 10 отсто пенали кои треба тие да ги плаќаат.

Според податоците од Министерството за земјоделство, досега е исплатено половина, односно 46,2% од откупеното грозје од ланската берба или на сметките на лозарите легнале над 710 милиони денари од вкупно 1,53 милијарди кои треба да ги добијат до крајот на април годинава.

Но сепак и покрај утрешниот голем празник Свети Трифун, лозарите не очекуваат добра година.

Екстремно ниските температури од почетокот на годината замрзнаа до 70% од лозовите насади. Велат дека годинешната берба ќе биде драстично помала, а штетите допрва ќе се утврдуваат.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека Македонците во просек пијат по 2,2 литри вино годишно. Во Македонија има 23.613 хектари засадени со винова лоза, а вкупно 77-те регистрирани винарии произведуваат 78,5 милиони литри вино на точење и 28 милиони литри во шишиња.

Најмногу се извезува вино во шишиња и тоа во Кина, Русија, САД и Австралија, а вкупната вредност на извозот на вино изнесува 47,7 милиони евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *