Хрватска го усложни увозот на македонско вино

Од 1 јануари во Хрватска е донесен нов правилник за увоз на вино од трети земји со кој се воведоа дополнителни услови, т.н. нетарифни бариери за увоз на вино. Во оваа група на земји е и Македонија. Со овие нови услови се зголемува цената на македонското вино. Македонија бара објаснување и подготвува реципрочни мерки.

Македонија во Хрватска извезува 17 милиони литри годишно или 24,2% од вкупната вредност на извезено вино. Вредноста на овој извоз е 11,2 милиони евра. Хрватска е втора земја после Србија во кои извезуваме македонско флаширано вино и трета после Германија и Србија во кои извезуваме македонско наливно вино.

Според новиот правилник се пролонгира периодот на ставање на увезеното вино во промет, најмалку 32 дена од царинење на виното до издавање на дозволата за пуштање во промет. Освен тоа се зголемија и барањата за дополнителни анализи и заштита на животната средина. Со ова се зголемува цената на виното. Оваа мерка очигледно е донесена за заштита на хрватското производство од увозните вина.

Македонските винарски визби веќе побарале од македонските власти да реагираат на овие неочекувани нетрговски бариери. Од македонското Министерство за земјоделство велат дека веќе побарале објаснување за новите одредби и додаваат дека се размислува и за воведување на реципрочни мерки за увезените производи од Хрватска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *