Македонските власти бараат решение за проблемот што го направи Хрватска за увоз на македонско вино со воведувањето нетарифни бариери.
Во моментот се разговара со хрватските власти за надминување на тој проблем. Ако не се најде заеднички јазик, најавуваат воведување контрамерки за хрватските производи.
– Се водат разговори со цел да се надмине проблемот. Воведени се новите одредби од хрватска страна во правилникот за лозарство. Тие се однесуваат за увоз на вино од трети земји, меѓу кои е ставена и Македонија. Дали ќе има или не контрамерки ќе се знае наскоро доколку се покаже дека новата регулатива што ја донесе Хрватска ја попречува трговијата со Македонија – велат во ресорот. Од нивна страна веќе се обратиле до хрватската амбасадорка и хрватското Министерство за земјоделство.
Споменатиот правилник стапи во сила од почетокот на годината. Некои од новите одредби предвидуваат дополнителни нетарифни мерки за увозот на вино од трети земји, во кои Хрватска ја ставила и Македонија. Најспорен е членот кој предвидува пролонгирање на периодот на ставање на увезеното вино во промет. Според него, потребни се минимум 32 дена од моментот на царинење на виното до добивање дозвола за пуштање во промет, со што се зголемуваат трошоците на македонските винарски визби. Новите одредби на хрватскиот правилник предвидуваат неколкукратно зголемување на трошоците за потребни анализи и заштита на животна средина, што доведува до дополнително оптоварување на продажната цена на виното.
Бројките велат дека Хрватска е една од најзначајните извозни дестинации за македонското вино, каде што годишно се извезуваат 17 милиони литри вино во вредност од 11,2 милиони евра. Минатата година дури 26 отсто од македонското вино е извезено во Хрватска. Таа е втора земја зад Србија за увоз на македонско пакувано вино и трета зад Германија и Србија за увоз на наше налевно вино.