Кавадарци е подготвено за третата Алшар авантура, која започна денес и ќе трае се до недела. Ова беше потврдено и на дешената прес конференција за почетокот на настанот, кој како ретко кој е поддржан од целокупниот јавен и приватен сектор.
Како прв човек на градот, градоначалникот Митко Јанчев потврди дека и годинава ќе земе активно учество во активностите кои се дел од Алшар 2018, а во своето обраќање пред медиумите и пријателите на настанот, потенцираше дека не секој град има можност и привилегија да организира настан кој е еден од најголемите и најважните кои се оддржуваат во Кавадарци и централна Македонија воопшто.
Потврда дека и годинава нивото на безбедност ќе биде на највисоко ниво дојде и од началникот на полициската станица од општа надлежност Кавадарци, Сашко Димовски, кој најави дека и самиот ќе биде дел од екипата која ќе се погрижи сите учесници и гости на најмасовниот аутдор фестивал во земјата да имаат пријатен, сигурен и безбеден престој, и да ги паметат само убавите нешта од Алшар 2018.
Од името на здружението Тиквешки точакџии, претседалот Живко Гурев упати благодарност до сите поддржувачи и пријатели, и ги покани сите кои сакаат да уживаат во природата и рекреацијата, да бидат дел од третото издание на Алшар 2018. Благодарност до спонзорите од свое лично име, и од име на тиквешките точакџии упати и Лазар Трајков, кој меѓу другото рече дека иако дождот значи бериќет, се надева дека годинава ќе го има во помала количина, и ќе им овозможи на сите да уживаат во предвидените фестивалски активности.
А фестивалот е веќе започнат. Првите жители на камп зоната веќе оддамна ги поставија своите шатори, што е најава за ново, возбудливо АлШар издание.