На еден од најзначајните специјализирани вински натпревари во Европа, црвеното вино „Барово 2015“ освои највисока награда. Според истакнатиот вински критичар, автор и член на жирито на престижниот меѓународен вински натпревар Декантер (Decanter) – Дарел Џозеф, платинестиот медал за црвеното вино „Барово“ на Винарската визба „Тиквеш“, освоен на годинешното издание на Декантер во Лондон, претставува вистинска препорака која значително ќе ја зголеми препознатливоста и реномето на квалитетните македонски вина во светски рамки.
„Освојувањето платинест медал во конкуренција на близу 17.000 вина од целиот свет е огромен успех кој покажува дека се работи за вино со исклучителен квалитет. Многу е мал процентот на вина што добиваат ваква награда, особено поради тоа што очекувањата на членовите на жирито се екстремно високи и многу строги. Навистина е пријатно да се види дека уникатниот квалитет и карактеристики на виното „Барово“ – оние што јас ги забeлежав и ме инспирираа да зборувам за ова вино во изминатите неколку години ширум светот – добија импресивно признание годинава и од останатите оценувачи на натпреварот Декантер.“, вели Дарел Џозеф, вински новинар, оценувач и едукатор чија специјалност се вината кои потекнуваат од Југоисточна Европа.
Според пропозициите на Декантер, платинест медал се доделува само на вина – добитници на златни медали, кои освојуваат повеќе од 95 поени и кои повторно се оценуваат во посебна сесија. Стручното жири на Декантер, составено од дури 250 вински експерти, на црвеното вино „Барово“ од бербата во 2015-та му додели 97 поени, со што ова премиум македонско вино е издвоено од сите останати годинешни добитници на највисоки награди.