Во Тиквешијата недостасуваат берачи на грозје

Гроздоберот е во полн ек, а сопствениците на лозови насади во тиквешкиот регион се жалат дека тешко обезбедуваат аргатска работна сила.

Тие во изјава за МИА велат дека добар аргат чини најмалку 800 денари со обезбеден превоз и јадење, а цената може да достигне и до 1.200 денари, колку што бараат товарачите и изнесувачите на грозје.

0c1107f7694bcae9f97eb3c56d61d119

– Мака мачам со обезбедување на аргати. Голем дел од тие што аргатуваа во минатото сега се вработија во фабрика и јас морав да обезбедувам аргатска работна рака дури од Источна Македонија. Но, аргатите од Истокот кои доаѓаат овде на своевидна „печалба” за време на гроздоберот, доаѓаат со своите малолетни деца за кои исто така бараат дневница. Згора на тоа, некои од нив за прв пат гледаат како изгледа лозје и немаат брзина и рутина при бербата – вели Златко Стојчев од кавадаречкото село Сопот.

Тој обработува 220 декари под лозов насад и важи за еден од земјоделците кои произведуваат најмногу грозје во државата.

Според него, дневниците кои ги добиваат аргатите се за работа од шест до осум часа.

– Згора на тоа дел од луѓето кои заработуваат аргатувајќи, до толку се итри што го напуштаат лозјето во договорениот термин, иако понекогаш останува уште половина ред за берење или неколку винови лози, а им се нуди и дополнителна заработка. И така додека порано аргатите се случуваше и по цели денови да берат на лозјата сега тие го почитуваат договореното работно време – нагласи Стојчев.

Други лозари поради недостиг од аргатска рака имаат проблеми со организирањето на бербата на годинешниов род на лозјата. ​

Претседателот на Здружението „Напредни лозари”, Трајче Кулев потврдува дека навистина е тешко да се обезбеди сезонска работна сила во време кога владее гроздоберската треска во неколкуте тиквешки општини. Некои од аргатите велат дека никогаш нема да има проблем за добрите меѓу нив, затоа што за работливите секогаш ќе има работа и ќе бидат барани од газдите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *