Зошто барикот и виното се совршен пар?

Многу вина такви какви што ги знаеме не би постоеле кога не би постоел дабот. Тие не би имале ист вкус, не би мирисале исто или не би ја имале истата текстура. Овој пат ве запознаваме со феноменот „барик“, една од најзначајните појави во производството на квалитетно вино. „Барик“, поим што означува стил, е резултат на зреење на виното во (барел) дабово буре. Односот меѓу виното и дабовиот „кревет“ во кој лежи е повеќе од значаен, а во некои случаи и одлучувачки. Влијанието на дабовото дрво врз карактеристиките на виното е огромно. Иако, бурето, (барелот) најчесто со големина од 225 литри, може да биде направено и од дрво од цреша, костен, орев, сепак, дабовите дрвја се докажале како најдобар „брачен другар“ на виното. Дабот има способност по пат на природни процеси да го трансформира виното, да го „извлече“ од жанрот на обичен ферментиран овошен сок и да му даде длабочина, должина, комплексност, интензитет.

barrels-
Резултатите од овој „совршен брак“ се длабоки вина со карактеристични мириси, вкусови и ароми, најчесто на тост, ванила, зачини, дрво, путер, крем-текстура и меко, но полно тело на виното. Се смета дека оваа трансформација и засилувањето на виното се должат на два процеса. Првиот е кога водата и алкохолот испаруваат нагоре низ „порите“ и минималните дупки и процепи на штиците од затвореното дабово буре. Ако бурето е добро затворено, виното ќе зрее во бавен и редуциран однос. Квасците во виното продолжуваат да се спојуваат со другите компоненти и тоа влијае на курсот и правецот на зреењето. Истовремено контролирани количини кислород однадвор влегуваат во бурето спојувајќи се со другите елементи во виното и давајќи му „помека“ димензија на телото.

RV-AP569_bkrvba_J_20150212161312
Вториот процес за трансформација на виното во буриња се состои во тоа што дабовото дрво во својот состав има неколку групи комплексни хемиски состојки кои, исто така, оставаат трага врз мирисот, вкусот и текстурата на виното. Највпечатливи од овие хемиски состојки се фенолите кои, пак, додаваат ароми на ванила, тутун, чај, а понекогаш и дискретна блажина. Една од најважните групи феноли се хемиските супстанции наречени танини. Влијанието што може да го има дабовото буре врз виното, исто така, зависи од видот на дабот. Имено, постојат околу 400 вида дабови дрвја што растат низ светот. Но, само три вида имаат значајна улога во винската индустрија. Првиот вид е американскиот даб што расте во Минесота, а другите два вида се француски кои, пак, растат во централна и во источна Франција. Методот на правење буриња останал речиси ист како и пред неколку века. Традиционалниот стил на редење и свиткување на дабовите штици со помош на железен обрач, што претставува тешка и напорна работа, се оправдува со крајната цел за која и се прават – облагородено и квалитетно вино.
Кај нас најчеста сорта вино што е оставена да лежи и зрее во буриња е „вранецот“. Тој со својата природна тежина и интензитет добива уште повеќе слоеви на длабочина, комплексност, што претставува омилено вино кај домашните, но особено кај префинетите странски консуматори.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *