Собраното грозје кое со кошници го пренесувавме за време на гроздоберот, го остававме ден-два во собите врз рогозина за малку да свене. Отога врзувавме по два грозда на еден конец и ги закачувавме на едно дрво обвиткано со држаница, по кое имаше заковани клинци и тие клинци така наврзани ги стававме еден над друг почнувајќи од долниот, па се до горниот крај на дрвото. Така закаченото грозје на дрвото се вика старец. Грозјето трае до февруари, секако малку свенато.
До 1895/6 година во Тиквешко сопствениците обично го ставаа грозјето во свои бочви. Имаше и трговци – локални луѓе кои го откупуваа во поголеми количества, но тие беа малкумина. Од грозјето се источуваше ширата, откако ќе ферментира во бочвата. Виното се преточуваше во специјални буриња, а од комињето се вареше ракија. За време на пролетта, поради несоодветните визби за вино и раната пролет, виното почнуваше да скиснува. Го правеа киселина или пак го преваруваа во ракија. Многу малку лозари чуваа добри вина за преку лето. Варењето ракија и преточувањето на виното се правеа откако јумрукчијата (акцизен чиновник) ги мереше бочвите колку грозје има внатре и соодветно на тоа домаќините плаќаа јумрук параси, акцизен данок. Пред продажбата на производите, вино или ракија, јумрук параси требаше да биде платен и за таа цел се издаваше потврда.
Тиквешкото грозје содржи 15-16 проценти шеќер и затоа виното е густо, благо, па останала поговорката од старо време. „Тиквешко вино – во крпа да го носиш“., толку било густо. Од сто оки грозје се добиваше одвај 40 проценти вино. Голем дел од течноста остануваше во комината, но затоа пак од 100 оки комина се добиваше по 10-12 оки ракија од 35 до 40 степени. Кај Митровден или малку подоцна, татко ми ја вареше комината во сопствен казан за ракија. Тогаш често го посетуваа разни познати и непознати за да ја пробаат јачината на ракијата. Послабата ракија се преваруваше двапати и тогаш се добиваше лута, преварена ракија. Кај нас во казанот, во комината, за време на варењето на ракијата ставаа и анасон и оттаму нејзиното име – анасонка. Ракија пријатна по вкус.
Во 1895 година почнаа да го носат во Србија. Во прво време српските винари и посредниците – Тиквешани на станицата Криволак со недели купува грозје што го донесуваа речиси од градот и од другите села, а подоцна и наши кавадаречки трговци отворија винарски визби во разни градови по Србија, а особено во Ниш и тогаш цената на грозјето се покачи на три меџидии за сто ока франко вагон од Криволак, што претставуваше три петтини од една златна лира.
Тиквешкото вино и грозје Тиквешаните – кираџии го носеа кај трговците со вино и ракија во разни околни градови: Прилеп. Битола, Кичево, Штип Кочани и др. Кираџиството беше доста доходовна професија за ваташани, за некои кавадарчани, ресавци и бегнишанци, каде што месните луѓе со свој добиток го купува виното и го носеа и го продаваа во други градови. Извесно време во Софија, како и во Солун постоеше крчма „Тиквеш“ но и на двете места не се задржа подолго време. Можеби не толку поради лошата стока, колку поради лошата организација на продавачите.
Од книгата „Вистински приказни за вечни сеќавања“ Кавадарци 1900-1945, Кавадарци 2010. г.