Белото вино „Шардоне“ од бербата од 2015 година на винаријата „Стоби“ доби златен медал на дваесет и четвртиот Интернационален натпревар на најдобрите вина од сортата „шардоне“ во светот кој се одржа во Франција.
Како што соопштија од винаријата, на натпреварот биле оценувани 706 примероци од 38 земји, меѓу кои и од Јужна Африка, Австралија, Австрија, Канада, Чиле, Шпанија итн. Победниците биле избрани од страна на 300 вински стручњаци, а македонското вино за својот квалитет доби златен медал.
Минатиот месец „Стоби“ доби и два златни медали за црвените вина „Вердо“ и „Веритас“ од бербата од 2013 година на пролетното издание на престижниот натпревар „Мундус вини“ во Германија.