Со отворањето на Македонскиот изложбено-трговски дом во деловниот центар, сопственост на рускиот агро-кластер „Фуд сити“, во Москва од денес македонските компании имаат можност за пласман на производите на рускиот пазар.
Македонскиот павилјон ќе биде целосно во функција на зголемување на пласманот на македонските производи на рускиот пазар и ќе им нуди комерцијална, правна, царинска и секаква друга помош на компаниите.
–Македонска – руската стопанска комора, која веќе 12 години делува под мотото дека е „мост за стопанско поврзување на двете земји“, дефинитивно го изгради тој мост. Македонските стопанственици сега преку „Македонскиот трговско-изложбен центар“ преминаа на рускиот пазар и македонската храна и пијалаци многу полесно ќе може да се најдат на трпезите на руските граѓани, истакна Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска – руската стопанска комора на свеченото отварање.
Македонскиот амбасадор во Руската Федерација, Гоце Карајанов изрази надеж дека со отварањето на овој постојан претставнички центар на македонското стопанство во Руската Федерација ќе се зголеми пласманот на македонските производи на рускиот пазар.
Директорот на Евроазискиот деловен сојуз Виктор Тузарович Камболов посочи дека уште при презентацијата на Центарот пред еден месец во Македонија бил воодушевен од македонските луѓе и квалитетот на македонските производи.
– Затоа сум сигурен дека тие ќе најдат место на рафтовите во руските маркети и трговски центри, но дека ќе дојдат и до купувачи и во останатите земји од Евроазиската унија, рече Камболов.
Првите десет македонски компании кои се сместени во „Фуд сити“ се „Тиквеш“, „Здравје Радово“, „Далвина“, „Попова кула“, „Вори“, „Агромакс“ и „Гранд Фуд Корпоратион“, „Кадино“, „Горска“, „Свислион“.
Од Македонско-руската стопанска комора информираат дека руските бизнисмени пројавиле интерес за македонското вино и жестоките пријалоци, за сирењето и кашкавалот, кондиториските производи, тестенините, конзервираниот и сушен зеленчук и овошје, чаеви и други производи. Остварени се и деловни средби меѓу претставниците на македонските компании со руските бизнисмени.
Македонскиот изложбено-трговски дом е отворен и за останатите македонски компании кои се заинтересирани за пласман на своите производи на рускиот пазар.
На отварањето присуствуваа бизнисмени од Москва, првите луѓе на Московската стопанска комора, на Евроазискиот деловен сојуз и на „Фуд сити“, претставници на државни институции, национални деловни центри од разни земји од светот и од руските региони стационирани во овој комплекс, како и бизнис – делегација од Македонија составена од претставници на компаниите кои ги изложуваат своите производи во Москва.
Македонската бизнис – делегација имала свечен прием и во Московската стопанска комора каде присуствувала на потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Московската-стопанска комора и Македонска-руската стопанска комора и Македонскиот изложбено – трговски дом.
– Московската стопанска комора е сеопфатен центар за претприемачите и бизнисмените, во кој тие можат да ја добијат неопходната поддршка за реализирање на своите деловни идеи. И за македонските бизнисмени нејзините врати се отворени и ќе може да добијат секакви информации и помош при нивниот настап на рускиот пазар, истакна Владимир Платонов, претседател на Московската стопанска комора.
Од македонската страна било споменато дека се прават сериозни напори за зголемување на соработката со Руската Федерација, особено во делот на агрокомплексот и прехранбената индустрија.
– Македонија е една од не многу земји кои не воведоа санкции кон Руската Федерација.Тоа придонесе меѓусебната размена лани да ја достигне бројката од 200 милиони долари и тоа е потенцијал кој и натаму ќе се зголемува, бидејќи условите за бизнис во Русија се дефинирани и стабилни, порача Бешлиев.