Големите книжевни имиња влегле во легендите по пијанчењето – тие станале нераздвојни од нивните дела. Се пиело во сите епохи и веројатно уште од првиот пишан збор.
Писателите пиеле од ќеф или заради поза, заради окрепување на душата, во слава на боемите, следејќи ја книжевната традиција на пиењето, имитирајќи се едни со други, од очај или заради зависност, лечејќи ги љубовните маки или некакви други болки, од бунт и страв од смртта, како бегство од самотијата или во јадот на емиграцијата.
Се пиело и кој знае од какви причини, мистични, душевни, самоубиствени, семејни, сексуални. Или, за со слободата на таквиот избор да се соблазни буржујот. Да се потисне чувството на вина, реална или фиктивна; чувството на грев кон саканите личности. За да се плаче и за човек да се сеќава, за да се „ѕидаат кули во воздух”. За да се заборави. Но секој од тие пијаници настојувал да дефинира барем две работи: зошто пишува, и зошто пие. На обете прашања останувале голем број противречни одговори.
Пиеле и религиозните поети и мистиците, убедени дека со виното се слави Божјата љубов. Лебот е тело, виното како крв е душа. Напивањето е мацање на лебот во вино, соединување (coniunctio); за тоа единство зборува Јунг во неговата алхемија. И самиот тој посегнувал по чашката. Пишувал во спомените дека виното ги поттикнува визиите и предвидувањето на идните настани. Да се пие значи да се учествува во литургискиот обред на избавување на душата. Лебот намокрен со вино св. Амброзие го нарекувал медикамент.
Колку пати сум ги чул винопиите како по првата чаша со уфкање и со олеснување изговараат дека секоја голтка е лек за душа, мелем за ударите и раните на животот. Пијам, затоа што ме боли душата. Во пофалбите на виното се користат поими како што се причест, крв Исусова, вино за литургија. „Со виното се гаси жедта за вино”, така звучи еден стих на религиозниот англиски поет Р. С. Томас, кој бил свештеник и ноторна пијаница. Велат дека влегол во легендите по повраќањето пред да почне да ги врши свештеничките должности во велшките селски жупи.
Матош тврдеше дека талентите никнуваат во краиштата богати со винова лоза. Кралот на боемите Тин Ујевиќ го сметаше пиењето за слобода и фантазираше за мали фонтани со вино, за виноскоци наместо водоскоци. Тој велеше: „Виното го одврзува јазикот, дарува сјајни говорнички теми, создава речитост. Во виното е светата искра. Вино и инспирација, тоа е еден ист збор; речитост, дух и поезија излегуваат од виното“. Тој поетски гениј знаеше да каже дека поезијата има излезено од шише, како што љубовта и страстите излегле од бочви и од вински подруми. Тин велеше: „Ние со генерации сме умирале со чаша во рака”.
Но писателите и на друго место умирале отруени од алкохол и главно млади. Американскиот писател Ф. С. Фицџералд умрел од последици на пиење во својата 44 година. Славниот Едгар Алан По, со супер комбинација на наркотици и алкохол, умрел во својата четириесета. Германскиот писател, најпознатата испичутура на своето време, Е. Т. А. Хофман, умрел во четириесет и шестата. Славниот Џек Лондон, кој пишуваше за алкохолната безнадежност, умрел на 40. И Константи Галжински, особена поетска појава во полската книжевност, умрел млад. Чеслав Милош пишувал за неговите кафански лудости, за лечењето во санаториум за алкохоличари. Во еден од нив, вели Милош, толку се наметнал што успеал да ги напие и лекарите и пациентите, па организирале велосипедски трки низ болничките ходници.
Во романот „Под вулканот” според кој славниот Џон Хјустон сними филм во 1984, потекоа најдобрите страници кои некогаш биле напишани за алкохоличар, маестрално нијансирани во ликот на Џефри Фирмин. Ајде, барем некое фајде од авторовото препивање. Данило Киш сакаше да каже дека најделотворниот лек за мамурлук е самоубиството. Тој лек го одбрал и Малком Лоури, aвторот на „Под вулканот“ – се убил со алкохол и силна доза барбитурати. На неговиот зараснат гроб во местото Рајп, во јужна Англија, стои епитаф кој самиот го има срочено, веројатно пијан. Помеѓу останатото пишува: „Ноќебдеец тој беше и секогаш многу пиеше/додека беше на дното, часот смртен го следеше”.
Фокнер умрел службено од срце, но легендата вели дека на тој 6 јуни 1962 бил мортус пијан и паднал од коњ. Неговата омилена изрека била: „Добриот бурбон ги лечи сите болки”. Хемингвеј извршил самоубиство на врвот на славата; имал 63 години. Се застрелал со ловечка пушка. Крај него имало две празни шишиња виски и едно почнато шише џин. Последните години од животот не се трезнел. Во книгата спомени, „Подвижен празник”, Хемингвеј шармантно пишувал за шанковите во париските бистроа. Има таму еден згоден детал, како му досадувал Џејмс Џојс, кој секој пат се натрескувал, па Хемингвеј често морал „пијаната ирска мрцина” да ја носи на грб. Тој настан приклучува уште еден пијаница во оваа едиција на славните.
Целата историја на книжевноста е една бескрајна точилница. Се точело таму и пијалок и дух, без тие двете да се исклучуваат. Значи, во таа пивница се локало, и локајќи човек се сотрувал до „растројство на сите сетила”, како што Артур Рембо најдобро ја дефинирал поезијата. Тој проповедал пијанчење како стимуланс за влез во мистичното, во „дијалог со сенките”. Од пиење ја составил и неговата филозофија и поетика. Тин Ујевиќ му се восхитувал на Рембо најмногу заради тоа што рано „го баталил пишувањето”, и се посветил на шверц на оружје и дрога. И Матош бил фасциниран од Рембоовиот живот, кој бил „попоетичен од поезија”. Да, боемот фасцинира. Тогаш не е ни чудно што Тин кажал: „Пијам за луѓето да ми се восхитуваат”. Колку бил лут Бодлер на Брија-Саварен кој во својата „Филозофија на вкусот” напишал за виното само тоа дека се прави од плодот на виновата лоза, а ни збор за неговите волшебни својства, за тоа „интелектуално злато”. Бодлер го исмеал и го нарекол „славен глупак”, а неговата позната книга „лажно ремек-дело” и „блуткаво тесто”.
Бодлер тврдел дека може да го чуе говорот на виното, затоа што тоа зборува со душа. Тоа го информира оној кој го пие дека можеби во желудникот ќе направи дар-мар, но кога ќе се качи во мозокот, тука ќе ја изведе најубавата игра. „Од нашето соединување ќе се роди поезија”, пее виното со таинствен јазик. Бодлер ги жали оние кои таа песна никогаш не ја чуле. Само виното „секојдневно ги повторува своите благодети”, сето останато е вештачко. Потоа се наоѓаат идиоти и го осудуваат човекот кој „пиејќи вино пие генијалност”.
Но кога и да пијам, најрадо пијам црно вино. Најмногу ми се допаѓа „блатина” од подрумот на семејството Бунтиќ, лозје од мостарскиот крај. И Крлежа сакаше да пие блатина, но со мерка. Еднаш, некаде во средината на седумдесетите, Данило Киш, Предраг Матвејевиќ и јас, бевме со него на ручек во Шумски двор во Загреб. Бидејќи ни беше домаќин, нарача блатина, и покрај Кишовото инсистирање да пиеме некое словенечко вино. „Кај ти знаш о винима, пијаницо”, рече тој на својот симпатично циничен начин, всушност многу нежно, затоа што Киш му беше особено драг.
Со Киш пријателував некои триесетина години, но тој не беше пијаница. Вистина, знаеше и тоа како да се натреска, без да ужива во пиењето. Пиеше само во друштво, заради штимунг, „само за таков, неприлагодлив, да се прилагоди”, како што знаеше да каже самиот. Понекогаш правеше скандали, но главно беше весел; пееше, свиреше гитара, им се удвараше на жените и ги шармираше. Мојот втор близок пријател, Борислав Пекиќ, голем прозен писател, пиеше како смок. И покрај лошото здравје, таманеше жестоко со чудесна издржливост. Можеше да пие неколку денови по ред, без јадење и спиење. Во пијанството го красеше луцидност и исклучителна смисла за хумор. Во Сараево, некаде 1966, го носев мртов пијано од барот на хотелот Европа до Централ. И додека го влечев онаков долг, промрмори смеејќи се: „Сега на твојот грб е товарот на српската книжевност!”
„Само битангите пијат млеко”, така велеше големиот винопиец Шарл Бодлер.