Лозарите бараат повисоки цени за винските сорти грозје

Бербата на трпезното грозје е во полн ек. Лозарите засега задоволни од продажната цена која се движи од 50 до 60 денари за килограм, а се надеваат дека и оваа година ќе нема проблеми со пласманот. За винското грозје пак, бараат зголемување на откупната цена поради штетите од временските неприлики кои го намалија родот.
Според лозарите, од пролетниотните мразеви уништени се скоро 70 проценти од родот, особено во кавадаречкиот регион и сметаат дека треба побрзо да бидат обесштетени. Дополнително и високите температури направија уште поголеми штети особено во регионите каде што нема системи и можности за наводнување. Поради загубите, производителите на винските сорти грозје бараат откупната цена за килограм да биде 17 денари за вранецот и 16 за смедеревката, а договорите да се склучуваат пред бербата која треба да почне за еден месец.
Од друга страна, пак винарските визби и покрај проблемите со ликвидноста и залихите, уверуваат дека годинашниот род грозје ќе биде откупен во целост. Според претставниците на винарските визби, откупните цени на грозјето ќе ги дефинира пазарот, но сепак се очекува тие да го достигнат ланското ниво. Од винарските визби најавуваат дека кај поквалитетните сорти можно е да има зголемување на цената, но не и надминување на онаа од минатата година. Иако секоја од винарските визби одлучува за цената, тие очекуваат да бидат достигнати ланските откупни цени.
Се очекува дека годинава ќе нема проблеми со откупот, бидјеќи поради измрзнувањето на лозите приносот е намален. Годинашниот род е со подобар квалитет, но приносите се намалени. Поради тоа од винарските визби сметаат дека родот ќе биде откупен во целост.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовкси информира дека со винарите е договорено креирање модел на континуиран дијалог, а не разговарање непосредно пред сезона.
Винарите сметаат дека за да има успешна винска индустрија, Македонија мора да изготви стратегија која ќе биде од корист за двете страни, и за производителите и за визбите. Оттаму посочуваат дека Македонија како винска земја не е позната подалеку од Хрватска, па има уште многу да се работи на имиџот. Во Македонија има 48.000 лозари кои заработуваат од производство на грозје. Од вкупната обработлива површина во земјава, пет проценти се лозови насади што изнесува вкупно 23.000 хектари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *