Лозарите се задоволни од скратувањето на рокот за исплата на грозјето од 6 на 3 месеци, рече попладнево во Кавадарци Љупчо Аризанов, претседател на регионалниот Сојуз на лозари, “Агротиквешија”.
„Оваа одлука е многу на место, се согласуваат лозаропроизводителите со кои разговарав овие неколку дена, веднаш по донесувањето на најновото решение околу законскиот рок за исплата на грозјето. Винарските визби кои сакаат да откупуваат грозје, според мене, теба да си подигнуваат кредити и да го исплатуваат откупениот род најбрзо што може или 30 дена по откупот. Доста веќе лозарите ги кредитираат винарите“ – изјави тој.
Аризанов кажа дека околу 50 проценти од грозјето откупено изминатата сезона е платено.
„Има винарии кои целосно го исплатија грозјето, но и такви кои воопшто не почнале со исплата. Апсолутно некоректно од страна на некои винарници бидејќи веќе се во тек работите во лозјата околу новата реколта, а сето тоа бара финансиски средства. Ние во наредниот период како впрочем и досега, ќе настојуваме исплатата да биде што побрза“ – порача лидерот на лозарите.