Природно е поубаво: Органски вина и светски дружби во Милано

Во Палатата на Мразот во Милано, на површина од 1800 метри квадратни на која најголемите лизгачи на мраз ги оставаат своите траги уште од 1923 година, цели три дена, од 5ти до 7ми март, многубројни светски љубители на вино, аматери и прфесионалци, вртеа чаши и дегустираа вина од 140 винарии.
„LIVE WINE“ е една од најголемите и најзначајни манифестации на тема органски, биолошки и биодинамични вина, а ако мислевте дека тоа е се’ едно исто, се лажевте. Различни правила, повеќе или помалку строги, го регулираат производството на овие вина кои како заеднички именител го имаат правилото за комплетна забрана на употреба на хемиски средства во текот на одгледувањето на лозјата и во самото производство на вино.
Огромни чекори нанапред се направија на оваа тема во последните години, а оваа манифестација го потврди тоа: препознатливи вина со автентичен печат, полни со карактер и многу далечни од оние индустриски изработените, кои толку често си личат едни на други, покажаа колку природата, кога е почитувана, знае да биде дарежлива. Како во бајката за грдото пајче, органските вината кои некогаш беа преполни со мириси на штала, поле, ацетон или оцет пораснаа во лебеди, со прекрасен вкус и одлична рамнотежа, во состојба да го задоволат и најрафинираниот вкус.

Live_Wine_alte_-22
Со тоа и бројот на нивни следбеници секојдневно расте: луѓето кои и велат не на хемијата и извештаченоста, кои предпочитаат чист вински нектар на местото на извештачени и нашминкани вина, е се поголем во светот.
Под еден кров многу големи имиња од оваа бранша беа присутни, од светски познатите Емидио Пепе и Стефано Белоти, преку Нино Барако и Марија Пиа Кастели, па се до некои нови клинци како Бруно Ферара Сардо и французите од Кло Кристал.
Присутни беа и некои од нашите соседи: од Хрватска Димитри Бречевиќ и неговата винаријата Пикентум донесоа прекрасни автохтони сорти како малвазија и рефоско, а од Словенија, освен секогаш присутните од винаријата Мовиа, дојдоа и нови имиња како Герила, Вина Чотар, Батич, Брандулин и други. И грчките соседи беа присутни, а исклучително квалитетни беа вината од сортите родитис, лимнио и негоска на Стерјос Тацис.

cropped-2016-01-11-15.34.18-rw
Прашањето кога ќе ја видиме и Македонија рамо до рамо со светските имиња на органски вина останува отворено, а надежта дека тоа ќе се случи наскоро е голема.
Многу дружење, многу новости и неколку Мастер Клас ја загреаа температурата на овие мартовски студени денови и потврдија дека винскиот свет никогаш не спие, а и дека виното моментално го доживува своето златно доба од светски размери.
Последните поздрави и прегратки на крај, беа преплетени со ветувањата: се гледаме наскоро пак, на Prowein во Дизелдорф и на Vinitaly во Верона.
До тогаш, на здравје!
Специјално за www.vinotika.mk од Милано, Дамата сомелиер, Анче Наневска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *