Британија, вино култура без правила

Ексклузивно за www.vinotika.mk од Лондон, Дамата сомелиер, Анче Наневска

Првите сцени од британскиот вински живот на кои присуствував во Лондон, сосема ме збунија. Овде за прв пат видов работи што дотогаш не можев ниту да ги замислам: шише од легендарно вино како Cheval Blanc 1947 (токму тоа од цртаниот филм Ratatouille) отворено на брзина и послужено во пластични чаши, скапоцен Dom Perignon 1985 послужен и испиен како да е Фрушкогорски бисер од ланската берба, Бургундец од екстра класа како што е La Tache Romanée Conti испиен додека се пие капучино или лимонада.

 
Мојата професионална и животна школа ја изучив во Италија, со чести визити во винската Франција: две земји кои ме научија како се служи и дегустира виното, со која храна оди, а со која никако не смее, кои се времињата, температурите, чашите за секое вино, а најмногу од се, колку е речиси религиозна почитта кон секој дел од овој ритуал, дури и во секојдневните домашни услови.

london
Паметам големи и долги договарања и исчекувања со пријатели да отвориме некое посебно вино и уште подолги расправи за тоа каква храна ќе подготвиме за уживањето да биде перфектно. Паметам употреба на цела инструментарија за отварање на стари шишиња и долги филозофски расправи инспирирани од винскиот нектар.

 
Со ваквиот багаж од искуство, не можев ниту да сонувам дека е можен поинаков пристап кон виното, или едноставно идеата за тоа ме ужаснуваше премногу за да можев да ја замислам.

12498920_10201676691797173_738791733_n
Во Лондон таа идеа ме погледна право во очи, а јас реагирав како и сите мои колеги сомелиери од „европското копно„ – занемев.  Па не ли беше Лондон центар на светот за вино и храна, збунето се прашав. Па нели е Британија на првите места по извоз и конзумација на овие производи, а е неприкосновена и во хотелиерството? Винските настани во Лондон се по квалитет и организација неспоредливи со оние од остатокот на Европа, а винските експерти со кои овде можете да го мерите вашето знаење се со сигурност едни од светски најдобрите.

 
Ми беше потребно некое време за да ја сватам едноставната тајна, и тој момент го сметам за големо професионално просветлување, чист илуминизам: Британија, земја која до пред неколку години не беше производител на вино, има сосема лаички пристап кон него, ослобеден од било какви предрасуди, убедувања, митови и идеали. Тоа е земја која кон виното, како и кон се друго, пристапува со прагматизам, но и слободно срце, неоптоварено со формализми и со бескрајни „вака мора, а вака не смее„. Тргнете ги сите предрасуди од срцето на еден возрасен човек и ќе добиете дете, љубопитно и отворено кон секаква мисла и идеа. Дете кое ќе ве слуша и прашува, кое ќе се забавува и ќе експериментира.

12498479_10201676691877175_934464486_n
Британија ме потсети на детето кое сите ние го носиме во себе, но кое сме принудени да го „пораснеме„. Растејќи, често сме принудени да за ја заборавиме вредноста на истражувањето, која, особено во областа на вкусот, е од витално значење. Слободата е основен предуслов за креирање на сопствена мисла, која нема да оди по однапред поставените шини, туку ќе носи во себе ркулци на новини. А без новини, нашите срца би остареле и закоравеле за миг, немајќи во себе простор за изненадувања.

 
Не се чудам повеќе кога гледам како виното овде се пие во секој момент, во секоја прилика, без формализам и правила, но со голема и искрена радост. Напротив, среќна сум што токму во британската публика ги открив најдобрите слушачи, најжедните за знаење винопијци, најблагодарните ученици. Британците не знаат се, ниту пак тежнеат кон тоа, тие се вистински Сократови потомци и знаат дека не знаат ништо. Во тоа е нивната тајна.

LWW main blog_585x0
Винските патишта се, очигледно, бескрајни. Не застанувајте на првото патче кое ќе се отвори пред вас, на првата лекција, на првото шише. Продолжете, ќе ви се отворат многу нови видици ако само им дозволите на вашите детски очи да ги видат и, најмногу од се, никогаш не заборавајте да уживате!

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *