Ексклузивно за www.vinotika.mk од Лондон, Дамата сомелиер, Анче Наневска
Долги години приматот на производство на вино беше исклучително европски: Франција, Италија и Шпанија водеа пред сите други земји, дефинираа трендови и диктираа моди. Во последните неколку децении работите се изменија драстично, винскиот свет, поделен на Стар Свет – Европа и Нов Свет – сите останати, доживува длабоки трансформации и тие што некогаш беа мали производители кои ниту оддалеку не можеа да го загрозат европскиот примат, со голема брзина се искачуваат кон врвот.
Дали навистина во скоро време ќе ги видиме Кина и Индија на првите места, дали англиските вина ќе ги достигнат и надминат француските, дали Русија или Бразил ќе бидам масовно застапени на светските вински листи, ќе покаже времето. Гледајќи ја листата на првенци, сето тоа во овој монет звучи далечно и нереалистично но, земјаќи ја предвид брзината со која винскиот свет се движи и огромната жед за новости, треба дефинитивно да бидеме подготвени на изненадувања.
Светската винска мапа во 2015, по број на призведени литри, изгледа вака:
Италија – 48.869 литри
По долги години фрустрирачки обиди, Италија во 2012 година конечно успеа да го надмине блискиот сосед и главен вински конкурент Франција, а сето тоа со помош на интернационалниот бум на пенливото Просеко, кое за момент фрли сенка врз славата на прочуениот Шампањ. Знаеме дека не секогаш зголемениот квантитет оди заедно со добриот квалитет, но тоа за среќа не е случај со италијанските вина. Тие забележуваат постојана порасна линија во квалитет, а се почесто акцентот е ставен врз помалку познатите автохтони сорти како Пигато, Терано, Скјопетино, Ербалуче многу други. Италија добро знае дека овие резултати можат брзо да се променат, па затоа не се релаксира, туку деноноќно експериментира за да остане цврсто и солидно на заслуженото прво место.
Франција – 47.373 литри
Кога велите Франција, велите вино. Отсекогаш светски првенец, победата на Италија ја доживеа како удар во гордоста, освен по џебот. Но, земјата од која потекнуваат најзначајните интернационални сорти како Шардоне, Мерло и Каберне, не се предава лесно и не губи време, туку деноноќно работи за реванш: реки од прочуените Бордо, Бургундец и Шампањ се подготвуваат да го преплават светскиот пазар и оваа година и да и го вратат првенецот на старата винска дама. Двобојот останува отворен.
Шпанија – 36.600 литри
Со историја на вино стара колку и нејзините блиски соседи, но побавна во истакнувањето на светскиот пазар, големиот успех Шпанија без сомение го должи на англосаксонскиот, особено британскиот пазар. Претежно црвени вина, со добар квалитет и достапни цени е формулата за успехот на прочуените Риоха, Рибера дел Дуеро и Навара, а и пенливата Кава, која се точи во огромни количини на англосаксонскиот пазар, има голема заслуга за ова престижно трето место.
САД – 22.140 литри
Голема земја, големо производство, големи вина. Направени по американски вкус, на вината од Калифонија, Орегон, Вашингтон и Њујорк им требаше некое време за да го освојат деликатниот и елегантен европски вкус. Долго време овие вина беа прејаки, со премногу барик и овошен вкус, а со премалку субтилност и елеганција, па поради тоа беа гледани со сомнеж од страна на европските вински критичари. Работите преку океанот се сменија драстично во последните декади со помош на европските консуленти, па е огромен денес бројот на вината кои можат со полно право да бидат споредени со најврвните европски имиња.
Аргентина – 13.358 литри
Аргентина, земја со голем вински потенцијал, отакако ја присвои француската сорта Малбек и ја направи своја, се прослави низ светот. Воглавно евтини, насекаде присутни вина, добиени претежно од интернационалните сорти Мерло, Каберне, Бонарда и други, ја издигнаа Аргентина на одличното петто место, а и белата ароматична сорта Торонтес е сигурно исто така заслужна за ова висока позиција.
Чиле – 12.870 литри
Веднаш по Аргентина, еве уште една земја која од француската сорта Каберне Совињон направи вистински бум. Посебно поволните услови за производство на вино и евтината работна рака, направија од чилеанските вина вистински хит, особено во англосаксонските земји.
Австралија – 12.000 литри
Ова е континент со многу млада винска историја. Се до 1970 година, Австралија произведуваше слатки и засилени вина, бидејќи нејзината клима не беше многу наклонета кон сувите вина. Со голема упорност и следење на европските вински техники, Австралија успеа да ги избере интернационалните сорти кои најдобро успеваат таму и со нив да влезе во оваа светска ТОП 10. Денес австралијските Шираз, Каберне, Шардоне, Пино Нуар, Мерло и Ризлинг се познати по нивниот посебен ароматичен профил и стил, а често ниските цени овозможија нивен масивен продор на светскиот пазар.
Јужна Африка – 11.310 литри
Добариот микс на ладна и топла клима, осебено на бреговите околу Кејптаун, овозможуваат производство на одлични мирни и пенливи вина од Совињон Блан, како и од и Шардоне, Шенен Блан и Семијон. Од црвените сорти се истакнува Пинотаж, која е вркрстување меѓу Пино Нуар и Синсо.
Кина – 11.178 литри
Кинеската експанзија не се задоволува само со купувањето на бројни винарии низ Европа и Америка, туку се пласира на високо место и како земја производител на вино. Во 2011 година се наоѓаше дури на петтото место на оваа листа, а додека во Европа бројката на потрошувачите на вино опаѓа, во Кина таа е во постојан раст: од 2008 до денес, кинеските винопијци се зголемија за дури 138%. Најголемиот дел од производството е сконцентриран во областа Јантај-Пенглај во која се наоѓаат 140 винарии или 40% од вкупното производство. Се произведуваат претежно црвени вина од интернационални сорти, по француски модел, со јасна амбиција да станат достојна конкуренција на француските Бордо и Бургундија.
Германија – 8.788 литри
Земјата позната низ цел свет по прекрасниот Ризлинг и феноменалните Ајсвајн, следи обратен тренд: иако не драстично, производството на вино во Германија се намалува од година во година, а веројатно тоа се должи на неедноставните услови за одгледување на лозата, како што се стрмните лозја и ниските температури. Сепак, во 2015, Германија сеуште цврсто стои на заслуженото десетто место, а е доволно оддалечена од земјите кои следат за да би можело да се рече дека е во вистинска опасност.