„Смедеревката“ е повеќе од шприцер

Сортата смедеревка е стара и смедеревското лозје е едно од најстарите на Балканот. Се смета за автономна сорта иако, судејќи по се, ја има многу повеќе кај нас во Македонија.
Историјата на смедеревката е од дамнина. На просторите покрај Дунав винова лоза се одгледувала уште пред доаѓањето на Римјаните во тие краеви. Римскиот цар Домицијан во првиот век од нашата ера го забранил одгледувањето на лозата. Тогаш винарството стивнало. Забраната траела стотина години сѐ додека еден друг римски цар во третиот век не ја укинал. Тогаш дури и војниците на римските легии почнале да садат винова лоза. Факт е дека, и покрај се, се зачувала една оригинална сорта, која еве трае и опстојува до ден-денес.
Историските податоци велат дека низ историјата трговци од разни земји откупувале големи количества вино од смедеревка и го продавале насекаде.

Смедеревката како сорта се одликува со голема родност што денес се покажува и како нејзина најголема маана. Смедеревката дава и над 25.000 кила грозје по хектар.
Но, тоа било во времето кога квантитетот бил позначаен од квалитетот. Во време кога Тиквешијата била еден од главните снабдувачи на југословенскиот вински пазар количеството било многу важно. Во тоа време и градскиот базен во Кавадарци бил користен како сместувачки капацитет.
Денес тоа е минато и токму тој голем принос е главната причина за губењето на интересот за оваа сорта. Постојано се намалуваат лозјата под оваа сорта и се заменуваат со попроминентните.

belo-vinojpg

На прашањето дали од смедеревка може да се добие квалитетно вино, ќе добиете одговор – никој не се обидел да го стори тоа.
Некои експерти стојат на ставот дека е тоа мошне погодна сорта да се направи пенливо вино.
Таков обид направи „Тиквеш“ со своето пенливо вино „Ергион“. Се тврди, исто така, дека тоа е добра сорта за вински асамблажи затоа што добро се компонира со многу други бели сорти.
Грозјето од сортата смедеревка е карактеристично по својата жолто-зелена боја и со средна алкохолност меѓу 10,5 до 12 отсто и со 6-8 г киселини на литар.
Виното од смедеревка е доста слатко на вкус и полно со свежина.
Но, најголемата вредноста на смедеревката е во нејзината приспособливост како шприцер. На овие и пошироки простори од бивша Југославија, смедеревката се смета за идеално вино за шприцер. Сѐ уште во кафеаните се подразбира дека, ако нарачате шприцер, тоа треба да биде со смедеревка. А добар дел од консументите тешко се откажуваат од задоволството и свежината на шприцерот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *