Годинава само преку царинската испостава Kавадарци извезени се повеќе од еден милион килограми грозје – информира Љупчо Аризанов, претседател на регионалниот Сојуз на лозарите „Агротиквешија“ од овој град.
„Според информациите со кои располагаме како здружение, само преку Kавадарци, во странство заминале над 2,5 милиони килограми праски. Во најголем дел во Русија и Белорусија, поранешните југословенски републики Србија и Хрватска и дел во Полска, соопштува Аризанов. Според него, над милион и двесте илјади килограми трпезно грозје преку кавадаречката царинска испостава засега отишле во Србија, Русија и Албанија.
Претседателот на „Агротиквешија“ вели дека како последица на мрзнењето од ниските пролетни температури, годинава ќе има нешто помал род кај лозјата, кој се проценува на речиси 180 милиони килограми. За сметка на намалениот род, пак, вели е одличниот квалитет со кој се карактеризираат гроздовите зрна.
„Родот кај лозовите насади е намален главно во рамничарските делови каде што нема да се добијат очекуваните количества грозје кои вообичаено се берат таму“ – нагласува тој. Притоа открива дека во пресрет на бербата на винското грозје, кое поради временските услови ќе стартува нешто порано, веќе се одржале неколку состаноци со винарите со посредство на Министерството за земјоделство. Се разговара за тоа за колкави количества грозје ќе имаат интерес винарските визби, како и за цените за килограм грозје. Но, засега нема конкретни договори и преговорите продолжуваат – додава Аризанов.
Тој признава дека постои страв кај лозарите дека нема да се откупи целокупниот род од лозовите плантажи. Стравот доаѓа, велат лозарите, поради слабиот интерес на винарите за склучување договори за откуп.