Виното многу често се користи при подготовка на голем број рецепти, при што им дава еден посебен вкус и мирис. Во зависност од продуктите коишто се користат, може да се употреби бело или црвено вино, чијшто алкохол испарува во текот на готвењето, а останува само незаменливиот вкус кој ги надополнува прекрасните јадења. Доколку и вие сте љубител на вино во храната, ние ви нудиме еден необичен, но многу едноставен рецепт, со кој вашата кујна ќе добие препознатлив вкус и мирис. Дали сте слушнале за вински путер? Многу е едноставен за подготовка, а само едно мало парче внесува целосна трансформација на храната.
Потребни состојки:
1 пакување несолен путер
1 шише суво вино (препорачуваме Sauvignon Blanc или Cabernet Sauvignon)
2 лажици шеќер
Хартија за печење
По желба можете да додадете кромид, свежи зачини, па дури и овошје за повеќе вкус
Начин на подготовка:
Сипете ги виното и шеќерот во едно поголемо тенџере и оставете ги на оган сè додека не почнат да вријат. Потоа оставете го тенџерето на тивок оган, додека состојките не добијат густина. Откако ќе се згуснат, тргнете го тенџерето од оган и оставете да се излади. Потоа, во таа смеса додадете го путерот, што претходно сте го изматиле со миксер. Продолжете нежно да мешате, се додека не се соединат сите состојки. Префрлете ја смесата на хартија за печење и обликувајте ја во вид на ролат. Ставете го путерот во фрижидер и оставете го убаво да се стегне.
Овој путер со вкус на вино и други додатоци по ваш избор, можете да го користете во подготовката на сите јадења, за кои претходно сте користеле вино. Исто така, е идеален додаток за сосови, како и за преливи на различни видови месо и риба. Едноставно можете да го намачкате на парче тост и да уживате во необичниот вкус во секој дел од денот.