Виното е пијалак добиен со алкохолна ферментација на грозјето, сложена природа која содржи повеќе од 800 различни хемиски соединенија. Виното поседува и научно докажани лековити својства кои потекнуваат од некои фенолни соединенија. Според тоа, симболиката на виното е содржана во разни култури, филозофии и религии.
Но, како што виното е составен и неделив дел од културата на многу цивилизации, исто така претставува и важен дел од економијата. Вредноста на трговијата со вино во светот изнесува околу 25 милијарди евра годишно со постојан пораст.
Оваа бројка покажува дека за многумина виното претставува бизнис, а не само уживање. Со цел за остварување на што поголеми приходи не се бираат средствата, па фалсификувањето на вино стана зачестено и според некои податоци дури 30% од виното на пазарот е фалсификат.
НАЈЧЕСТИ НАЧИНИ ЗА ФАЛСИФИКУВАЊЕ НА ВИНОТО
Фалсификувањето е старо колку и производството на виното. Со времето, начинот, обемот и технологијата за фалсификување се промениле и усовршиле. Најчести начини за фалсификување на виното се:
1.Со додавање на шеќер кој не е гроздов, вода, алкохол и адитиви.
2.Додавање вино со послаб квалитет во вината со подобар квалитет.
Додавањето на негроздов шеќер при процесот на производство на вино е познато неколку векови и се заснова на способноста на квасецот од грозјето (или со дополнително додавање квасец) да предизвикува ферментација на шеќерите и добивање алкохол. Најчесто се додаваат шеќери добиени од шеќерна репка, шеќерна трска, јачмен, жито или компир.
На тој начин од неквалитетно грозје се добива вино со повеќе алкохол на кое потоа му се додава вода и се зголемува количината на добиено вино.
При тоа, треба да се нагласи дека додавањето на шеќер е забрането со законска регулатива за вината со географско потекло, а е дозволено за трпезните вина (зголемување на алкохол до 3%).
Грубата пресметка покажува дека на 2 кг додаден шеќер се добива 1% алкохол на 100 литри вино. Сепак, праксата покажува дека при фалсификувањето на вината се додаваат значително поголеми количини шеќер, што со додавање на вода и додатна ацидификација се добива значително полема количина вино.
Уште подрастичен пример е додавање на алкохол, арома и боја во процесот на производство на виното. На овој начин од мало количество грозје, со додавање на рафиниран алкохол (96%), вода, боја и арома се произведува значително поголеми количини вино со неприфатлив квалитет. Со оглед на тоа што произведувачите на ваквото вино се во длабока илегала, процесот за производство често е нехигиенски а додатоците кои при тоа се користат со сомнително потекло.
Во Кина во 2010 година беа затворени речиси 30 винарија кои произведувале вино на ваков начин. Кај нас ваквите случаи за жал ретко стигнуваат до јавноста, но забележан е еден случај во 2011 година кога е откриено фалсификување на јаки алкохолни пијалаци и вина во вредност од 50 милиони долари.
Покрај тоа, фалсификувањето се врши со користење на трпезно и помалку квалитетни сорти грозје во производството на квалитетни вина. На тој начин се мамат потрошувачите кои за одредени сортни квалитетни вина од познати региони се спремни да дадат и високи суми пари. Овој начин на измама во последно време и во голема мера е присутен во Кина затоа што овој пазар е нов (бележи годишен пораст од околу 15%) и сеуште недоволно стручен во областа на виното. Во најголема мера, таквите вина имаат називи кои асоцираат на прочуените француски вина или од француските вински региони.
Исто така, со фалсификување на декаларациите од реномирани произведувачи на пазарот се пласираат вина со сомнителен квалитет по цени далеку поскапи од реалните. На овој начин пред се’ се фалсификуваат реномираните француски вина. Овој вид на фалсификување е исто така повеќе присутен во странство и тоа на пазарите од најголемите увозници на вино- САД, Кина, Велика Британија.
Вака фалсификуваните вина се продаваат на аукции за неколку илјади долари. Секако дека овој вид на фалсификување побарува најголем труд бидејќи понекогаш не е само доволно да се фалсификува амбалажата и етикетата од реномираното вино, туку треба да се произведе и вино со слични сетилни карактеристики. Во ваквите измами учествуваат дури и работниците од елитни ресторани кои искористените шишиња од врвните вина ги земаат, а подоцна ги препродаваат по високи цени за да може истата амбалажа да се користи подоцна за фалсификување на виното. Најпознат пример за ваква измама е делото на Рудиј Курниаван кој во текот на 2006 година со продажба на фалсификувани вина заработил фантастични 35 милиони долари.
ВЛИЈАНИЕТО НА ФАЛСИФИКУВАНОТО ВИНО ВРЗ ПОТРОШУВАЧИТЕ
Фалсификувањето на виното на било кој од погоре наведените случаи, влијае пред се на квалитетот на виното, но во некои случаи и здравјето на потрошувачите може да биде сериозно загрозено. Постои верување дека преголеми количини на додаден шеќер предизвикува главоболки кај потрошувачите, но, главоболките што се појавуваат по консумирање на вино се предизвикани од сулфатите кои се додаваат во виното пред се’ како конзерванс.
Ацидификација и деацидификација, се порај некои други процеси, регулирани и дозволени во одредена мерка со законска регулатива, но проблемот при фалсификувањето на виното е додавање на рафиниран алкохол, арома и боја затоа што за таа цел се користат додатоци со сомнително потекло кои можат да имаат штетно па дури и канцерогено дејство.
Вината кои се продаваат како квалитетни а имаат фалсификувана декларација, немаат штетно дејство по здравјето на потрошувачите, но консументите се измамени и секако, се нанесува голема штета на винската индустрија. Ова посебно се однесува на фалсификуваните реномирани вина кои се продаваат на аукции за огромни суми пари.
БОРБА ПРОТИВ ФАЛСИФИКУВАНОТО ВИНО
Иако методите за фалсификување на виното се стари и познати, откривањето на таквите вина не е едноставно. Основниот проблем е неможноста за разликување на алкохолот добиен од природниот шеќер во грозјето и алкохолот добиен со вештачко додавање шеќер. Постојат начини за откривање дали во виното е додаден шеќер, но овие методи засега се во зачеток и се доста скапи и комплицирани за масовна употреба.
За да се изборат со фалсификуваните вина некои големи произведувачи во светот користат современа но сепак за сите достапна технологија- QR кодови на шишињата кои се скенираат со помош на апликација на телефн и на тој начин се добиваат сите информации за конкретното вино. Недостигот на овој вид борба е неможноста за создавање на поголеми бази на податоци за сите вина.
За да се одбегне консумирањето на фалсификуваните вина, потребна е едукација на потрошувачите и подигање на свеста за значењето од зачувување на културата за производство и потрошувачка на квалитетно вино. Оваа борба не е лесна, посебно кај нас поради слабите примања, па многу чест избор може да биде евтин дволитарски тетрапак вино со крајно сомнителен квалитет. Ако сакате да знаете што пиете- превземете ги работите во свои раце. Направете сопствена винска тура, обиколете ги некои од помалите винарии во областа и проверете на кој начин, од што и во какви услови се прави виното. По обиколката и уживањето во дегустацијата на вината, ќе знаете што пиете, и ќе ви преостане единствено за себеси да си го одберете она вино што вам најмногу ви одговара.