На две тркала и вино покрај убавиот, син Дунав

Замислете го ова како физичка активност во која потпивнувањето вино е задолжително. Преку патеки низ лозјата, овоштарниците и селата кои изгледаат како да се излезени од бајка со поглед на реката Дунав, најпознатиот австриски регион Вашау најдобро може да го истражите патувајќи со велосипед.
Качете се на велосипед за да го вкусите надалеку познатото бело вино “гринер фелтлинер”, да уживате во штрудлата со кајсии и да се искачите до урнатините на замокот каде бил заробен кралот Ричард Лавовско срце, во овој дел од светот заштитен како природно богатство од УНЕСКО.

gruner-veltliner_2902781b
Совршено место за да ја почнете вашата тура на две тркала е селото Маутерн лоцирано на околу 80 километри западно од Виена, кое изобилува со музеи за римската историја и не случајно, најдобрите ресторани во земјата. Ресторанот “Ландхаус Бахер” кој е семеен бизнис, нуди соби и вкусни но поскапи јадења од локални состојки во интимна шик атмосфера.
Посетителите може да бираат од софистицираното мени со неколку оброци од кое, ако можете да изедете толку, се истакнува десертот од две огромни „смариленкнедел”, традиционален десерт од тесто посипан со лебни трошки и шеќер, полнет со врели кајсии, нормално, од домашно производство.
Бидете подготвени да платите 250 евра и повеќе за вечера за двајца со сите јадења и вино. Цените се поразумни за ручек, кога за околу 100 евра двајца ќе може да ручаат оброк со три јадења и вино. Секое од јадењата може да се нарача и одделно. Но да се вратиме на велосипедизмот.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA
Кога ќе почнете да се искачувате нагоре од гратчето Кремс, преку мостот од Маутерн, за кратко време ќе стигнете до романтичното селце Дирнстајн кое поради калдрмисаните улици и црквите во пастелни бои е една од големите туристички атракции. Овде кралот Ричард Лавовско срце бил држен како затвореник додека не биде платен откуп од декември 1192 до март 1193 година. Векови подоцна, уште може да се разгледуваат урнатините на замокот каде бил заточен.

Откако ќе заврши часот по историја, спуштете се надолу по ридот до Вајсеркирхен и ќе ја видите продавницата “Вахојер Бојернладен” на Кристијан Лојдл каде ќе ви закркорат цревата. “Имаме редовни муштерии кои доаѓаат неколкупати годишно по залихи”, вели 38-годишниот сопственик. “Во просек трошат по околу 300 евра”.
Ова не изненадува кога ќе земете предвид што се нуди на полиците: домашно зготвени џемови и тестенини, сируп од кајсии и се разбира сандаци и сандаци вино. Подголтнете и продолжете на запад до двете познати винарски визби “Јамек” и “Холцапфел” сместени во убави градби со поставени маси во дворот каде може да уживате во глетката и да ги одморите мускулите. И двете места се совршени за да каснете нешто, и се разбира, да залеете со чаша или две вино по ваш избор. Не знаете кое вино најмногу одговара? Не срамете се да побарате неколку вина за дегустација.

image
Следна дестинација е селото Вилендорф каде пред повеќе од сто години беше откриена сензуалната скулптура од палеолитот и од тогаш е позната по нејзината заоблена женствена фигура. Оригиналната статуа е висока само 10 сантиметри, а посетителите може да се фотографираат со огромната реплика на убавицата стара 25.000 години, уживајќи во фасцинантниот поглед на реката Дунав. Ден денес е мистерија што претставува Вилендорфска Венера и кој ја направил пред толку многу години. Дали била симбол на плодноста или амајлија, божица или можеби дело од предисториска порнографија?
Размислувајте за ова додека се искачувате преку Емерсбах до една шармантна група со магариња каде децата од сите возрасти може да ги јаваат Бонифаз, Фридолин и Вилибалд, или некое од другите животни. Оние што имаат повеќе време на располагање и зборуваат германски може да аплицираат за божемна “дозвола за јавање магаре” откако ќе одговорат на неколку забавни банални прашања и ќе изведат неколку вежби со вашето ново влакнесто другарче.
На околу пола пат напорот од стрмнината ќе ви го ублажи глетката на Мелк Абеј, фасцинантен, простран комплекс кој содржи црква, музеј, библиотека и величествена мермерна сала со импресивни фрески, на другата страна на Дунав. Ако сте веќе поднапиени или уморни за да го продолжите патувањето, вратете се назад и качете се на некој од многуте бродови кои крстосуваат по реката. За околу час и половина ќе се вратите во Кремс.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *